Митко Јанчев е од Венера, ВМРО-ДПМНЕ од Марс!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Го одгледав вчера на интернет отчетното, по двегодишна градоначалничка работа, обраќање на Митко Јанчев, кметот на Кавадарци, на седницата на градскиот Совет. Никогаш не сум го сретнал човекот и баш ме интересираше за што суртук станува збор, бидејќи не ми е јасно што е толку голем проблемот со него, што врвот на неговата матична партија, ВМРО-ДПМНЕ, не сака да го види!

Зборуваше градоначлникот 7-8 минути за својата општина, една од најуспешните во Македонија, за некои населби и села за кои не сум ни чул, за проблемите со водоснабдувањето, за ефикасната работа на општинската администрација, но најмногу за тоа дека партиската политика ги има поделено советниците на општината до таму што оние избрани од листата на ДПМНЕ не сакаат да застанат ни за сликање до оние избрани од листата на СДСМ. „Ти го каниш на свадба, он вика со кого ќе седам на масата!“, вели Јанчев на чист кавадаречки… „Човек, идеш на свадба или не идеш на свадба“, а не со кого ќе седиш на масата?!

Всушност, овој Јанчев многу потсетува на оној Заев од времето кога тој беше градоначалник на Струмица: прагматичен, народски, без многу идеологија, без партиски мистификации и високи политики, со комуналните интереси на општинското население во фокусот на работата и интересот. Ќе соработуваш со сите, без разлика на партиските бои, за да ја оствариш целта за подобар живот во градот и општината. Рецепт за градоначалнички успех.

И зошто е тоа толкав проблем за ВМРО-ДПМНЕ? Јанчев неколку пати и во овој настап повторува дека е и останува вмровец, но дека тоа не значи оти сдсмовците се непријатели со кои треба да бидеш во постојан, закрвавен конфликт. Зошто ваквиот пристап да е проблем?

Па, очигледно е проблем, ако се види реториката и правецот во кој тргна ВМРО-ДПМНЕ (и) во оваа предизборна кампања: повторно е тоа борба на живот и смрт за освојување на власта, повторно најжесток речник што може да се замисли, со закани и квалификации за злосторства и предавства, како да сме во некое предреволуционерно време.

Митко Јанчев со своето однесување и ставови навистина отскокнува од таа мачна, одмаздничка политика што ја промовира неговата партија, односно нејзините челници кои, за разлика од Јанчев, сите од ред го имаат товарот на „златните години“ од режимот на г. Груевски. И затоа е тој како „диво месо“ во сопствената партија, бидејќи нема обврска ни кон себе ни кон бившото раководство да се занимава со спасување на својата и нивната кожа.

Така што, прилично е јасно на каде ќе оди оваа работа: доколку и на следните, вонредни избори, ВМРО-ДПМНЕ не успее да ја освои власта, ќе призаврши епохата на груевистичките кадри и политики во ВМРО-ДПМНЕ, а Јанчев ќе биде веројатно моделот на вредности и однесување според кои сегашната опозиција ќе треба да се реформира и менува на подобро од ова што е сега.

Затоа не можат да го поднесат Митко Јанчев во ова ВМРО-ДПМНЕ – не дека е генијален или политички импресивен, туку затоа што е битно различен од чуварите на делата и политиките на Груевски. Делуваат како да се од две различни планети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот