Мит или вистина: Дали желудникот ќе ми се намали, ако јадам помалку?

Ако го намалите количеството на храна која ја јадете во текот на денот, дали желудникот навистина по извесно време ќе стане помал, па се доволни помали порции за да се задоволи желбата за храна? За жал, „желудникот кој се намалува“ е, сепак, само мит!

Дали може желудникот да се „намали“?

Сите сме слушнале за теориите дека кога се јаде помалку по извесно време организмот почнува да „бара“ помалку, па и апетитот се „ресетира“, а со текот на времето и желудникот се „намалува“, па се јаде помалку.

– Ако ова ви звучи смешно, така е затоа што навистина е смешно – велат стручњаците.

Да, желудникот донекаде е еластичен, објаснува американскиот гестроентеролог, доктор Нитин Кумар. И тоа е корисно кога, да речеме, ќе изедеме обилен оброк. Исто така, тој релативно брзо ќе се врати во вообичаената големина, штом се свари изедената храна. Но, нема да продолжи да се „собира“, дури ниту ако почнете да јадете многу, многу помалку од обично. Луѓето имаат помалку или повеќе ист желудник без разлика колку килограми имаат. Ако консумирањето на помали количества храна е сѐ што би било потребно за желудникот да се „намали“, би можело да се очекува луѓето кои не се дебели да имаат помал желудник од оние кои имаат вишок килограми. Но, тоа не е случај.

Телото не може да се измами!

И понатаму се сомневате? Размислувајте вака: човечкиот организам е создаден така да може да прифати количество храна која му е неопходна за задоволување на енергетските потреби дури и во времињата кога нема доволно храна – времињата на голема глад, кои периодично доаѓале низ историјата. Кога желудникот навистина би се смалувал кога јадеме помалку – тоа не би завршило на добро. Всушност, на повеќето луѓе им се зголемува апетитот кога го намалуваат внесот на калориите.

Телото почнува да мисли дека сосема ќе изгладне и се јавува комбинирана физиолошко-хормонална реакција со која организмот се обидува да ве натера да јадете повеќе и да се вратите на килограмите кои ги доживува нормално, објаснува д-р Кумар.

Системот тогаш ни го преплавува хормонот за глад грелин и заради тоа, кога сме на диета, уште потешко ни е да ѝ одолееме на храната. Истовремено, температурата на телото опаѓа, а метаболизмот се забавува во очајничкиот обид на организмот некако да ја зачува скапоцената енергија. Значи лекарите велат: драстичното намалување на големината на порциите не само што нема да доведе до намалување на желудникот, туку може да работи и против вас, односно спротивно од она што сакате да го постигнете. Дури и ако на овој начин успеете да изгубите некој килограм, ќе го вратите побрзо од што би сакале, и тоа со камата.

Тогаш, како се слабее?

Ова се разбира, не значи дека е невозможно да се ослабне, но за да успеете во намерата немојте одеднаш да ги намалувате порциите на минијатурни количества. Правете го тоа постепено за организмот да има доволно време да се навикне на новиот режим на исхрана. Наместо да престанете да јадете, попаметно е калорискиот внес да го намалувате за 100 или 200 калории дневно. Тоа е сосема доволно за килограмите да ги симнувате постепено, а тоа да не остави последици на вашето здравје и метаболизам. И тоа е единствен начин да бидете сигурни дека организмот овие постапки нема да ги доживее како изгладнување и да почне со сите сили да се спротивставува на вашата намера да ослабнете.