Мистерија: МВР уште трага по Стојанка, жената што ја снема во куќата што изгоре, многу прашалници, но без одговор каде е исчезнатата

фото Миа

Има неколку верзии на селаните за тоа што се случило со несреќната жена. Пет дена по пожарот, репортерската екипа на „Слободен печат“ беше во Челопек, Кумановско.

Мистеријата за која засега никој нема одговор, е каде исчезна жената од  Горно Маало во селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, Кумановско, кое беше зафатено од пожар на 4 август. Борис Димковски, човекот со кого таа со години живеела заедно, тврди дека таа, уплашена од огнот, влегла во дневната соба од куќата што потоа се претвори во руина и пепел. Неговото тврдење го потврдија и неговите соседи.

Пет дена по пожарот, репортерската екипа на „Слободен печат“ беше во Челопек. Во разговор со истражителите, но и со селаните, дознавме дека постојат неколку верзии за тоа што можело да се случи со несреќната жена.

Повеќе приказни за тоа како исчезнала Стојанка

Стојанка Стошиќ (60), родум од Србија, последен пат е видена жива на 4 август, пред пожарот да ја зафати старата куќа. Куќата на Димковски, како и двете други соседни, денес се пеплосани. Според истражителите, сите сведоци, соседи на исчезнатата жена, подоцна во истрагата им рекле дека ја виделе Стојанка како влегува во куќата пред објектот да биде потфатен од пожар. По пожарот, багери го расчистуваа теренот на пеплосаната куќа, како и околината, но тело или останки од жената засега не се најдени.

Бидејќи со денови ја нема, МВР ја води Стојанка Стошиќ како исчезната. Потрагата по неа е проширена во околината на селото, особено во опожарениот шумски дел, но засега истрагата е безуспешна.

Постојат четири приказни за судбината на Стошиќ. Првите три се на селаните, нејзините познајници, а последната е на иследниците. Дел од селаните со кои разговаравме веруваат дека Стојанка загинала во огнената стихија што ја зафатила куќата или надвор од неа.

– Сите што ја познаваа Стојанка, знаат дека таа на свои шеесетина години имаше проблеми со одењето. Се движеше бавно. Мојата сопруга ја видела жива, непосредно пред да изгори куќата на Борис, со кого таа живееше во вонбрачна заедница. Со жена ми разговараа и полицајците кои еден ден по пожарот правеа увид. Никој не ја видел жената да излегува од куќата. Верувам дека настрадала во пожарот и жива изгорела. Ме чуди како го нема телото. Нејзините роднини и Борис нема што да погребаат – вели Илија, жител на селото Челопек.

Втората верзија што ни ја раскажаа дел од мештаните е дека Стојанка е во блиската шума.

– Не верувам дека изгорела во куќата. Мислам дека избегала кон шумата, но бидејќи пожарот брзо се рашири и во блиската шума околу куќата на Борис, претпоставувам дека таму треба да се бара телото на Стојанка. Огнот ја заробил од сите страни во шумата и таа жива изгорела – тврдат дел од селаните на Челопек, кои седеа пред селската продавница и разговараа за штетата што и тие ја претрпеле од пожарот, кој им пеплосал дел од нивниот имот.

Третата верзија на дел од селаните е дека Стојанка загинала во куќата, но дека нејзиното тело не е пронајдено во куќата, бидејќи било затрупано од таванот што паднал и поради неисчистените остатоци од куќата.

Според истражителите, старата куќа во која живееле Борис и Стојанка била изградена од камен и кал, а таванот бил дрвен. Објектот за многу кратко време изгорел. Истражителите чекале да се олади местото за да не дојде до експлозија на муницијата на Борис, кој е ловец.

– Падна мрак, па увидот беше извршен следниот ден, на дневна светлина. Прво крим-техничарите детално ги пребараа двете соби од трошната куќа, бунарот и околниот терен. Сѐ што остана беше детално пребарано. Потоа со багер беа расчистени остатоците од пожарот и ѕидовите кои само што не беа паднати, но тело не беше најдено, ниту пак останки од човечки труп – велат истражителите.

Два телефонски повика со сестра ѝ во Србија

Истрагата откри дека Стојанка, откако видела дека е во опасност, двапати преку мобилен телефон контактирала со сестра ѝ која живее во Србија и ја информирала дека куќата ќе ѝ изгори.

– Сведоците можеби ја виделе како влегува, но во паниката од пожарот можеби не забележале дека таа излегува од куќата. И ние сме зачудени што го нема телото на жената ако настрадала, а ако е жива, каде е сите овие денови – вели член на истражниот тим.

Еден ден по пожарот во Челопек, пристигнале роднини на Стојанка од Србија. Тие од селаните и надлежните барале одговор каде им е роднината, но уште никој не може конкретно да им одговори.

По пожарот Борис е згрижен кај познајници во Старо Нагоричане. Таму ја чека ветената помош од локалната власт и од државата за обнова на куќата. Инаку, Борис и Стојанка со години живееле во вонбрачна заедница. Нивните соседи велат дека таа во селото дошла пред 6-7 години. Со Борис живееле од скромните месечни примања. Имале неколку домашни животни и живина, која целосно изгорела во пожарот.

Според соседите, Стојанка имала проблем со одењето и често користела стап за да се придржува. Била катадневно на лекови, а имала проблем и со нервите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот