Мишел: Европската геополитичка заедница би го олеснила процесот на пристапување во ЕУ

Шарл Мишел / Фото ЕПА

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска во Белград изјави дека „Европската геополитичка заедница”, која тој ја предложи, ќе им помогне на земјите кои сакаат да се приклучат на Европската унија, бидејќи тоа ќе го олесни нивниот процес на приклучување.

На заедничката прес-конференција по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ, Мишел рече дека новата платформа ќе даде можност за редовна размена на мислења на највисоко ниво што ќе го зголеми „взаемното политичко разбирање меѓу вклучените страни“.

„Целосно ја поддржувам идејата да се забрза процесот на пристапување и да се направи поефикасен. Опипливи придобивки треба да се почувствуваат во земјите кандидати. ‘Европската геополитичка заедница’ ќе ни овозможи редовно да се среќаваме на највисоко ниво, да разменуваме идеи за заеднички интереси, да се координираме“, објасни Мишел.

Тој изјави дека предлогот за создавање на „Европската геополитичка заедница” го дал бидејќи „битно е токму сега“ да постои политички формат што ќе овозможи „заедничка посветеност на конкретни предизвици“.

„Таа платформа, тој формат ќе биде посветен на заедничките предизвици, особено на странските и на геополитичките. Имаме конкретни идеи кој би го разработил, разговаравме за тоа со претседателот Вучиќ, но нашата цел е да ги слушнеме нашите партнери за да направиме новата платформа да биде ефикасна и конкретна“, додаде тој.

Мишел рече дека „ова не е нова идеја од Брисел што е предложена со цел да се одложи нешто”, туку напротив, со цел да се зголеми соработката и координацијата меѓу членките на ЕУ и земјите кандидати.

Мишел вели дека неговата посета на Белград испраќа силен сигнал за блиска соработка меѓу Србија и ЕУ, додавајќи дека Научно-технолошкиот парк, кој го посети претходно денеска, е „одличен пример за тоа како ЕУ придонесува за иднината на Србија“.

„Кога инвестираме во иновации и стартапи во Србија, ние всушност инвестираме во српскиот народ. Вашите проекти стануваат наши заеднички проекти и наша заедничка иднина“, рече тој.

Мишел рече дека дошол во Белград за да ја потврди целосната посветеност на ЕУ за пристапните преговори со Србија, наведувајќи дека најавената средба на лидерите на ЕУ и шесторката од Западен Балкан во Брисел на 23 јуни треба да го прошири дијалогот и да ја продлабочи соработката меѓу двете страни.

Вчера тој повика на создавање „европска геополитичка заедница“ со цел продлабочување на оперативната соработка во справувањето со заедничките предизвици во Европа. Тој изјави и дека процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан треба да биде поефикасен и подинамичен и дека „решението може да лежи во прогресивна и постепена интеграција, веќе за време на пристапниот процес“.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот