Мировниците во Доха брзаат да ги претркаат јастребите во Техеран

Додека дипломатите посредуваат, а Иран се заканува, Израел гаѓа цели во Газа - Фотографија ЕПА, Мохамед Сабер

До последен час нема да биде познато дали на новата серија разговори ќе присуствуваат претставници на Хамас, кој не се согласува со форматот

Дипломатите од Катар и Египет, во соработка со САД, вложуваат максимални напори да ги обноват замрзнатите преговори за прекин на огнот во Газа за да спречат опасно прелевање и разгорување на конфликтот во целиот регион.

Новата серија разговори се најавени за денеска во Доха, но до последен час нема да биде познато дали ќе присуствуваат претставници на Хамас. Палестинската група потврди дека нема да учествува во новиот круг мировни преговори, зашто не се согласува со форматот.

– Новите преговори му овозможуваат на окупаторот да наметне нови услови и да ги искористи своите лавиринти за да изврши повеќе масакри – изјави претставникот Сами Абу Зухри.

Тој додаде дека Хамас е посветен на предлогот што му беше претставен на 2 јули, врз основа на резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации и на обраќањето на американскиот претседател Џо Бајден. За таквиот формат, Зухри наведе дека Хамас е подготвен да разговара за механизмот за спроведување.

Израелската влада најави дека ќе испрати своја делегација на преговорите. Наспроти соопштенијата од Хамас, САД изразија надеж дека се можни и преговорите и договорот за прекин на огнот, што би го спречило и најавениот ирански одмазднички напад врз Израел.

Новиот реформски ориентиран претседател на Иран, Масуд Пезешкјан, објави дека ќе ја почитува одлуката на ајатолахот Али Хамнеи да биде казнет Израел поради убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, додека беше гостин во Техеран. Но, тројца анонимни ирански функционери потврдиле дека Техеран би се воздржал од одмазднички напади само ако бидат обновени мировните преговори за Газа. Тоа се толкува како уште еден притисок да бидат прифатени условите што Хамас ги поставува за да учествува на преговорите.

Протест на Хезболах во Бејрут поради убиството на командантот Фуад Шукр – Фотографија ЕПА, Ваел Хамзех

Еден од изворите, висок функционер задолжен за безбедност, изјавил дека и Иран и групите како Хезболах што се под негова контрола, би ја спровеле заканата ако оценат дека преговорите не водат никаде или дека Израел ги развлекува. Тој, сепак, не објасни колку време треба да помине за да се донесе таков заклучок во Техеран.

Можен е и „воздржан одговор“, кој не би ги загрозил преговорите.

– Се надеваме дека нашиот одговор ќе биде спроведен во време и на начин што нема да го загрози потенцијалниот прекин на огнот – соопшти мисијата на Иран во Обединетите нации.

Израел, пак, објави дека е спремен итно да возврати на каква било акција од Иран. САД кон регионот го пратија носачот на авиони „Абрахам Линколн“ со својата борбена група, како и нуклеарната подморница со наведувани проектили „Џорџија“. Во близина, во Оманскиот Залив, е и носачот на авиони „Теодор Рузвелт“, во бази во регионот се испратени повеќе борбени авиони „ф-22“, а големиот амфибиски брод „Васп“ со авиони „ф-35“ е во водите на Средоземно Море.

Државниот секретар Ентони Блинкен, пак, ја одобри продажбата на американска воена опрема за Израел во вредност од над 20 милијарди долари. Пентагон појасни дека во опремата се вклучени тенковски гранати, борбени авиони „ф-15“, авионски ракети и борбени возила.

Кон регионот се приближува носачот „Абрахам Линколн“ – Фотографија ЕПА, Морнарица на САД

Свои мировни мисии спроведуваат и Москва и Кина. Секретарот на рускиот Совет за национална безбедност Сергеј Шојгу го посети Техеран, го оцени како „трагично“ убиството на лидерот на Хамас и реќе дека „такво нешто не може да се заобиколи“. Заменик-министерот за надворешни работи Михаил Богданов изјави дека „Москва ги повикува сите да се воздржат од ескалирање на ситуацијата, за да не ја претворат во катастрофа за сите во регионот“.

– Мора да бидат изнајдени политички начини за решавање на актуелните проблеми – изјави Богданов.

И Русија, како и Иран, немаат интерес од разгорување на војната на Блискиот Исток. Иран настојува да одржи добри односи со Западот за да ја затвори вратата за преговори за укинување на меѓународните санкции. Русија, пак, настојува да му продаде модерно оружје на Иран, а и да купи беспилотни летала што ги користи при инвазијата врз Украина.

Кина, пак, настојува да се наметне како алтернативен посредник за решавање на кризите на Блискиот Исток. Кина лани посредуваше при договорот помеѓу непријателите Иран и Саудиска Арабија за обновување на дипломатските односи, а во јули во Пекинг претставници на палестинските спротивставени групи, на чело со Хамас и Фатах, се обврзаа дека ќе соработуваат при составувањето идна влада.

– Кина ги поддржува сите напори што се насочени кон постигнување траен и општ прекин на огнот во Газа и е спремна, заедно со меѓународната заедница, да промовира смирување на регионалната ситуација, со цел да се избегнат понатамошни ескалации на конфликтите – соопшти Министерството за надворешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот