Миркуловски и Кузмановски со Вецлар обезбедија опстанок во Бундес лигата

Екипата на Вецлар во чиј стручен штаб е Филип Миркуловски во тандем заедно со спортскиот директор Јасмин Чамџиќ и следната сезона ќе игра во најсилната ракометна лига на светот, Бундес лигата. Во редовите на Вецлар настапува и македонскиот репрезентативец Филип Кузмановски.
Во рамките од 32 коло во најсилното германско првенство актуелниот бранител на титулата Магдебург триумфираше над Минден (44:30).
На тој начин на три кола до крајот на сезоната Вецлар обезбеди опстанок во елитата.
Управниот директор на клубот, Бјорн Сеип е задоволен што целта е остварена оваа сезона. Во следниот период Вецлар ќе биде во потрага по нов тренер.
– Секако дека веќе имаме на ум кандидати. Би сакале да ја искористиме оваа прилика да му се заблагодариме на Јасмин Чамџиќ. Со Филип Миркуловски покрај себе, успешно ја реши тешката задача. Како и секогаш во 12-те години на заедничка работа, тој беше таму кога беше потребно и му помогна на клубот, и сега како привремен тренер – вели Сеип за клупскиот сајт.
Моментно на табелата Вецлар е на 16 позиција со 17 бодови, пет повеќе од Минден.
Миркуловски и Кузмановски во последните три натпревари од шампионатот ќе играат против Мелсунген (дома), Кил (гости) и Магдебург (дома).