Мирен протест на жителите од неколку кумановски села, бараат алтерантивен пат додека се санира „Искрин Мост”

фото МИА

Мирен предупредувачки протест одржаа денеска жителите на неколку села на локација непосредно до регионалниот пат Куманово – Свети Николе кои поради санацијата на „Искрин мост” мора да користат, според нив, несоодветен алтернативен пат за да стигнат во Куманово.

Тие бараат изградба на добро обележан друг алтерантивен пат во должина од 2,5 километри со кој жителите од поранешната општина Орашац ќе имаат соодветен пристап до Куманово. Велат дека сегашниот алтернативен пат не може да се користи поради нерамнини и дека не се во можност да го користат наредните 100 дена, колку што е најавено дека ќе се санира мостот.

Жителите стравуваат дека ќе останат без основни намирници, без откуп на млеко, дека ниту екипи на Итна помош или противпожарна единица нема да можат да стигнат навреме, ниту повозрасните, болни луѓе, бремени жени ќе можат навреме и безбедно да стигнат до лекар. Жителите бараат инвеститорот да изгради нов алтерантивен пат, а ако тоа не се случи, тогаш, како што најавија, ќе го блокираат регионалниот пат.

Претседателот на месната заедница-село Орашац, Крсто Милошевски вели дека жителите на десет села се во незавидна положба поради неможноста да стигнат до Куманово.

– Имаме најава дека ќе почне изградбата на друг алтернативен пат, ако тоа не се случи наскоро, за три дена ќе блокираме. Во нашето село има 80 автомобили кои секој ден се во Куманово. Сегашниот алтернативен пат воопшто не може да се користи. Мостот треба да ги спојува, а не да ги раздвојува луѓето-изјави Милошевски.

Неговиот сосед Маринче Милев вели дека разбира дека може да се случат дефекти, но дека важно е на луѓето да им се обезбеди пат.

– Плаќаме патарина, каде се средствата кои ги плаќаме-прашува Милев. Орце Трајковски од месна заедница село Кучкарево вели дека старите луѓе кои не можат да заминат на лекар. Милевка Колевска од Орашац додаде дека нејзината бремена снаа секој ден во два наврати мора да вози по нерамниот пат.

Жителите се револтирани бидејќи, велат имаат штета на автомобилите од нерамниот пат.

„Искрин Мост” беше затворен во петокот, на барање на изведувачот поради оштетувања на столбот C5 по поплавите во јануари, годинава, информираа претходно од Јавното претпријатие за државни патишта.

-Искрин мост е затворен за секаков вид на сообраќај поради тоа што еден од столбовите означен како С5 е во лабилна состојба, односно има хоризонтално поместување од 70 цм и секаков вид на потрес, движење на тешки товарни возила, земјотрес или поплава може да доведе до рушење на столбот. Мостот е првично затворен за сообраќај за 100 дена, за кое време е предвидено да се санира столбот С5 – информираа, претходно од ЈПДП.

Реконструкцијата на мостот, соопштија од ЈПДП треба да заврши до август 2022 година. Досега се санирани 65 проценти. Мостот над Пчиња познат како „Искрин Мост” е еден од најдолгите во државата, 335 метри, а изграден р пред 50-тина години. Последнава деценија беше во исклучително лоша состојба. Реконструкцијата почна во јуни лани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот