Мираковски: Одржувањето на системите за мониторинг на аерозагадувањето треба да биде императив за државата

фото: МИА

За платформите, како „Мој воздух”, во основа се, вели, агрегатори (собирачи), а не извори на податоци.

Државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, која ја има воспоставено МЖСПП, според големината на територијата и популацијата на одделните земји е споредлива на регионално ниво, како од аспект на просторната покриеност така и од аспект на обемот на загадувачки материи што се следат. Сепак, слабата кондиција на старите и често несоодветно или недоволно одржувани инструменти резултира со чести испади на делови од станиците од суштинско значење, а долгите периоди на сервисирање водат и до голема загуба на податоци.

Обезбедувањето соодветно ниво на финансирање и редовна замена и одржување на постојните системи за мониторинг се од круцијално значење за обезбедување целосни и навремени информации за оцена на квалитетот на воздухот во зоните што се набљудуваат, поради што овие процеси би требало да бидат императив за државните органи што управуваат со овие системи.

Ова во разговор за МИА го вели професор Дејан Мираковски, проректор на Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип. Според него, не може да се игнорира и очигледната потреба од понатамошен развој и проширување на државната мониторинг-мрежа, како од аспект на покриеноста (вклучување на сите поголеми урбани средини) така и од аспект на вклучените загадувачки материи (задолжително вклучување на фината фракција на суспендирани честички – ПМ 2,5, како и анализа на содржината на некои метали или органски загадувачки материи во суспендираните цврсти честички).

– Воведувањето нови технолошки решенија со намалени трошоци на одржување или хибридни мрежи со комбинации на технологии на мониторинг и повремено контролирани локации би можеле да обезбедат соодветен баланс помеѓу потребите и можностите на нашата држава, смета професор Мираковски.

За платформите, како „Мој воздух”, во основа се, вели, агрегатори (собирачи), а не извори на податоци. Конкретно, оваа платформа собира податоци од различни извори и ги прикажува информациите во формат прифатлив за пошироката јавност. За жал, проблем е интерпретацијата на податоците од страна на корисниците, која често ненамерно или намерно е погрешна.

– Оцената на квалитетот на воздухот во одредени временски периоди е сепак посложена активност и бара одредени предзнаења, па донесувањето заклучоци и препорачување на мерките за заштита на населението сепак би требало да биде оставено на надлежните институции или професионалните здруженија, вели професор Мираковски.

Мираковски работи како редовен професор на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип, а во моментот ја извршува функцијата проректор за развој и инвестиции при УГД. Автор или коавтор е над 150 научни публикации и учесник во над 80 (осумдесет) апликативни и научноистражувачки проекти, како истражувач, проект-менаџер, проектант, проектен инженер или соработник. Тој е раководител на оддел во лабораторијата АМБИКОН, која повеќе од една деценија се специјализира за анализи на загадувачки материи во амбиентот, со најсовремени методи на земање примероци и рендгенски анализи и електронска микроскопија. Лабораторијата од 2014 е акредитирана согласно ISO 17025 за анализи на примероци од животната средина, а со своите специфични услуги има изградено долготрајна соработка со најреномираните индустриски и услужни компании во државата и регионот (Србија, Бугарија, Косово и Албанија). Со над 2000 индивидуални анализи, поседува голема база научноистражувачки податоци, а подолг временски период, оперира независна мониторинг мрежа со самостојно развиени системи во градовите каде нема или не е целосно развиена државната мрежа.

МЖСПП е одговорно за релевантно мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во земјава. Колку е таа мрежа задоволителна за добивање релевантни податоци?

– Практиката надлежните државни органи да воспоставуваат мрежи на мониторинг на сите медиуми на животната средина, да прибираат и да обработуваат податоци и за резултатите да ја известуваат јавноста и другите државни институции, надлежни за заштита на животната средина и здравјето на населението, е вообичаена на европско и светско ниво. Заради точноста и објективноста на информациите, како и нивната меѓусебна споредливост, овие мрежи се развиваат и функционираат исклучиво во согласност со строги прописи и стандарди, со јасна намена на секој елемент од мрежата, а во согласност со стратегијата на мониторинг што ја има дефинирано надлежната институција.

Државната мрежа за мониторинг на квалитетот на амбиенталниот воздух, која во согласност со позитивните законски прописи во нашата држава, кои патем се речиси целосно усогласени со прописите на ЕУ што го покриваат оваа подрачје, ја има воспоставено МЖСПП, во моментот вклучува 18 автоматски станици. Најголем дел од овие мониторинг-станици го следат урбаното заднинско загадување, а неколку урбаниот сообраќај, индустриското и регионалното загадување. Најголем број станици со различна намена се лоцирани во агломерацијата Скопје, вкупно седум, додека останатите се лоцирани во урбаните индустриски центри во внатрешноста, како Битола, Куманово, Тетово, Гостивар, Кавадарци, Кичево, Кочани и Струмица. Регионалната станица е лоцирана во Лазарополе, како зона надвор од влијанијата на локалното загадување на воздухот. Речиси сите станици вклучуваат референтни системи за автоматски мониторинг на повеќе загадувачки материи, како суспендирани честички – фракција ПМ 10, озон (O3), сулфур диоксид (SO2), азотен диоксид (NO2), јаглерод моноксид (CO), а дел од нив и суспендирани честички – фракција ПМ 2,5.

На европско ниво, убедливо најразвиени системи имаат економски најмоќните земји во ЕУ, како Франција и Германија со близу 900, односно 500 мониторинг-локации. Од зeмјите во регионот најекстензивни системи поседуваат Хрватска со околу 50 мониторинг-станици, Србија со 45 станици, а потоа следуваат Грција со околу 40 и Бугарија со 32 станици.

Очигледно е дека ако се земат предвид големината на територијата и популацијата на одделните земји, нашиот државен систем е споредлив на регионално ниво, како од аспект на просторната покриеност така и од аспект на обемот на загадувачки материи што се следат.

Сепак, слабата кондиција на старите и често несоодветно или недоволно одржувани инструменти резултира со чести испади на делови од станиците од суштинско значење, а долгите периоди на сервисирање водат и до голема загуба на податоци. Нецелосната покриеност со точни податоци резултира со целосна загуба на основната функција на системот за мониторинг, а тоа е оцена на квалитетот на воздухот во зоната на мониторинг. Покрај тоа што мора да се признае дека трошоците за инсталација, а посебно за одржување на ваквите системи се доста високи, сепак обезбедувањето соодветно ниво на финансирање и редовна замена и одржување на постојните системи за мониторинг се од круцијално значење за обезбедување целосни и навремени информации за оцена на квалитетот на воздухот во зоните што се набљудуваат, поради што овие процеси би требало да бидат императив за државните органи што управуваат со овие системи.

Исто така, не може да се игнорира и очигледната потреба од понатамошен развој и проширување на државната мониторинг-мрежа, како од аспект на покриеноста (вклучување на сите поголеми урбани средини) така и од аспект на вклучените загадувачки материи (задолжително вклучување на фината фракција на суспендирани честички – ПМ 2,5, како и анализа на содржината на некои метали или органски загадувачки материи во суспендираните цврсти честички). Воведувањето нови технолошки решенија со намалени трошоци на одржување или хибридни мрежи со комбинации на технологии на мониторинг и повремено контролирани локации би можеле да обезбедат соодветен баланс помеѓу потребите и можностите на нашата држава.

Кој систем на мерење на квалитетот на воздухот се применува во нашата земја?

– Основната поделба ги дели методите за мерење на загадувачките материи во две големи групи, и тоа методи со индиректно и директно одредување.

Првата група методи подразбира земање примерок од воздухот на дадена локација и последователно одредување на концентрациите на загадувачките материи во лабораторија. Овие постапки бараат користење многу прецизни мерни уреди, а сите постапки и пресметки се строго дефинирани со референтните меѓународни стандарди. Овие методи на мерење во основа се користат за научни истражувања и специфични анализи на некои материи, бидејќи обезбедуваат можност за прецизно одредување голем број параметри, како на пример одредување многу мали концентрации на гасови или суспендирани цврсти честички, но и морфологијата (формата и структурата) или хемискиот состав на суспендираните честички.

Бидејќи овие методи на мерење се во основа бавни и комплексни процеси, како и поради потребата од добивање податоци во реално или приближно реално време, другиот пристап подразбира постапки на мерења што се базираат на директно читање на концентрацијата на загадувачките материи во воздухот. Вакви целосно автоматизирани системи вообичаено се користат во државните мониторинг-мрежи, со тоа што нивните мерни уреди мора да бидат базирани на референтните методи на мерење или да имаат докажана еквивалентност со референтните методи. Овие комплексни уреди вообичаено се опремени со системи за подготовка на влезниот воздух (контрола на влажноста и температурата), сензори за амбиентните параметри, како и уреди за складирање и трансфер на податоците, а нивната прецизност на одреден приод (најчесто автоматски) се проверува во однос на референтна вредност (еталон). Со тоа се обезбедува точно одредување на концентрациите на загадувачките материи, во сите услови и за целиот период на користење.

Референтните методи се специфични за секоја загадувачка материја и вообичаено се дефинирани со националните прописи или меѓународно прифатените стандарди, па така на пример, за азотни оксиди (азотен двооксид) се користи метода со хемилуминисценција (EN 14211), за јаглерод моноксид се користи недисперзивна инфрацрвена спектроскопија (EN 14626), а за озон ултравиолетова фотометриска метода (ISO 13964). Посебно специфични се методите за мерење суспендирани цврсти честички каде што референтна е методата на гравиметриско мерење (EN 12341), а методите со директно читање во реално или приближно реално време, како прецизните оптички методи (ласерски нефлометри, спектрометри) или монитори со апсорпција на бета радијација (BAM), во посебни постапки се докажуваат како еквивалентни на референтните.

Се разбира дека со развојот на технологијата, методите и опремата постојано еволуираат, но нивната примена во законски регулираните мрежи е дозволена само по обемни постапки на сертификација (докажување на нивната еквивалентност со референтните методи).

Кај нас можеби нов момент, но веќе подолго време тренд во светот е развојот и широката примена на мали и евтини сензори кои, иако добиваат на квалитет и применливост, сепак сè уште се далеку и од референтните и од индикативните станици и не можат да бидат основа за мониторинг и оцена на квалитетот на амбиенталниот воздух. Овие сензори може да бидат употребувани за многу цели и отвораат врата кон сосема нови пристапи во научните истражувања, како на пример економично зголемување на густината на податоци за одделни загадувачки материи или следење на нивоата на персонална изложеност. Но мора да се има предвид фактот дека ваквите сензори се исклучително подложни на влијанијата од амбиенталните услови (температура, влажност), преклопување на отчитувањата со други загадувачки материи и голема несигурност на среден и долг рок. Сериозен проблем е и калибрацијата на овие сензори и споредба со постојните референтни материјали и методи, поради што примената на вакви сензори бара уште поголемо внимание при анализа и користење на резултатите. Поради тоа и Светската метеоролошка организација1 и Европската комисија2 имаат издадено предупредувања со совети околу можностите и начините за нивна примена.

Граѓаните често за аерозагаденоста се информираат од неформални платформи, како што е „Мој воздух”. Колку се тие податоци валидни?

– Платформите, како „Мој воздух”, во основа се агрегатори (собирачи), а не извори на податоци. Конкретно, оваа платформа собира податоци до различни извори и ги прикажува информациите во формат прифатлив за пошироката јавност, при што во конкретниот случај апликацијата го наведува секој извор на податоци, а параметарот што се прикажува е објаснет, така што на корисникот е како ја прифаќа релевантноста на овие информации, а следствено на тоа и како ќе ги користи. За жал, проблем е интерпретацијата на податоците од страна на корисниците, која често ненамерно или намерно е погрешна.

Мора да се истекне дека оваа платформа одигра значајна улога во подигање на јавната свест за проблемот со загадувањето на воздухот и подигање на информираноста на граѓаните за моменталната состојба со квалитетот на воздухот во нивна близина, како основа за приспособување на активностите и преземање мерки за намалување на изложеноста, а што верувам е нејзината примарна цел.

За заинтересираните достапни се и други извори на податоци, а пред сè извештаите што редовно ги објавува МЖСПП, како и одредени научни и истражувачки публикации што се јавно достапни, така што нивото на информираност на нашите граѓани може да се оцени како задоволително.

Оцената на квалитетот на воздухот во одредени временски периоди е сепак посложена активност и бара одредени предзнаења, па донесувањето заклучоци и препорачување на мерките за заштита на населението, сепак би требало да биде оставено на надлежните институции или професионалните здруженија.

Последните неколку години во јавноста владее впечаток дека Македонија, односно неколку града, а особено Скопје, Тетово се меѓу првите 10 на листата во светот по загаденост. Како стоиме со аерозагаденоста во однос на регионот?

– Иако одговорот на оваа прашање би требало да биде едноставно да или пак не, сепак работите не се баш толку едноставни. Најпрвин мора да се истакне дека листите што разни организации ги синтетизираат се најчесто неофицијални и лимитирани по опфат на загадувачки материи, а изворите на податоци се често нејасни или нецелосни, поради што и овие листи би требало да се земаат со голема резерва. Дополнително, често цитираните рангирања на одделни градови се однесуваат на моменталните вредности (последниот часовен просек), кои од повеќе причини не можат да бидат единствена основа за процена на квалитетот на воздухот во дадена зона, што јасно е потенцирано и од самите изготвувачи на листата, кои публикуваат посебни листи со годишни просеци, како основа за оцена на нивото на загадување на одделни градови.

Според така генерираната листа на градови на популарниот Ер вижуал за 2018 година, иако е неспорен фактот дека најголем дел од урбаните зони во нашата држава ги надминуваат дозволените гранични вредности за фината фракција на суспендирани цврсти честички – ПМ 2,5, сепак ние сме некаде во групата со средно ниво на загадување.

На оваа листа доминираат градовите од Индија и Кина, а највисоко рангирано од нашата земја е Тетово на 168. место, со годишен просек на ПМ 2,5 од 44.6 µg/m3, а потоа следуваат Куманово на 261. и Битола на 280. место, со годишни просеци на ПМ 2,5 од 37,2, односно 36,3 µg/m3. Според истиот извор, повеќето главни градови од регионот, со исклучок на Сараево (240 место), кое има годишен просек на РМ 2,5 од 38.4 µg/m3, се во групата на средно загадени градови (помеѓу од 12 и 35 µg/m3), рангирани под 300. место на светската листа, започнувајќи од Скопје со годишен просек од 34 µg/m3, Приштина со 30,4 µg/m3, Софија со 28,2 µg/m3 и Белград со 23,9 µg/m3.

За жал, на европско ниво доминираат градовите од регионот, односно од Босна, Македонија, Бугарија, Србија и Косово, како и градови од Полска, Чешка, Словачка, Италија и Унгарија, при што со исклучок на првите неколку, најголемиот дел градови спаѓаат во групата на средно загадени градови.

Но, мора да потенцираме дека за разлика од оваа анализа, која се однесува на концентрациите на фините фракции на суспендирани честички – ПМ 2,5, ако на пример ги анализираме просечните концентрации на азотните оксиди, кои исто така влегуваат во групата најопасни загадувачки материи, состојбата е сосема поинаква. Така, на пример, доколку ги споредиме просечните годишни концентрации на азотен диоксид во агломерацијата Скопје, со другите европски метрополи, каде што сообраќајот е документиран како доминантен извор на загадување, јасно се гледа дека во Скопје граничната вредност во 2017 не е надмината на ниедно мерно место, додека во истата година во Лондон е забележано надминување на дозволената вредност дури на 32 од 79 мерни места, во Берлин наминување на дозволениот годишен просек има на 13 од 25 мерни места, а во Париз дозволениот годишен просек е надминат на 25 од 58 мерни места. Дали воздухот во Скопје е подобар од воздухот во овие метрополи?

Сепак, нашиот фокус, наместо на рангирањата, би требало да биде на сведување на нивоата на загадувачките материи, кои во нашите градови ги надминуваат вредностите, во рамките на дозволените.

Какви се искуствата во ЕУ и во светот?

– Проблемот со аерозагадувањето е глобален и според процените на СЗО, дури 90 % од светската популација се изложени на дејството на загаден воздух, односно некоја од загадувачките материи ја надминува дозволената вредност во нивната средина.

Притоа доминантни загадувачки материи и доминантните извори се во голема мера различни. Во урбаните европски метрополи доминира загадувањето од сообраќајот, додека во азиските земји имаме комбинација од разни извори, како енергетика и индустрија, сообраќај и согорување биомаса. Бидејќи проблемите се различни, универзални решенија не постојат, а основа за надминување на проблемите се нивно подобро познавање и систематски пристап во нивното решавање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот