Мираковска: Свесни сме за проблемите на ЕУ, но треба да ги одржи своите ветувања

Фото Арихива на СП

Свесни сме за проблемите со кои се соочува Европската Унија денес, но исто така сметаме дека кредибилитетот на ЕУ почива на одржување на дадените ветувања, изјави претседателката на македонската собраниска делегација Соња Мираковска во обраќањето на заседанието на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, што започна денеска во седиштето на Европскиот парламент во Стразбур.

Како што јави дописникот на МИА, Мираковска на почетокот од обраќањето нагласи дека е особени значајно што состанокот на Мешовитиот комитет се одржува пред парламентарните избори следната година и во период кој е особено сензитивен за земјата и за нејзините евроинтеграциски процеси.

– Имајќи ја предвид Солунската агенда од 2003 година и сите документи кои следеа потоа, како и идеите на големите татковци на Европа, неспорен факт е нашето полноправно членство во НАТО и ЕУ. На еден чекор сме од целосно остварување на еден дел од таа наша стратешка определба, додека за другиот не чекаат уште години работа и посветеност, рече Мираковска.

Таа понатаму нагласи дека пратениците во овој парламентарен состав и актуелната влада го имале „еден од најтешките политички мандати во историјата на нашата држава”.

– Бевме исправени пред многу предизвици, отворени децениски прашања, суштински и темелни реформски чекори кои моравме да ги преземеме, бидејќи тие произлегуваа од заклучоците на Високата група на експерти на Европската комисија. Сите тие беа прашања за кои некој слободно може да каже дека е потребен повеќе од еден човечки век за нивно решавање. Но, ние сепак влеговме храбро во процесите, со предубедување дека мора да ги одблокираме и да се отвориме кон Европа и кон светот. Сите сме сведоци на решавањето на отворените билатерални прашања со Република Бугарија и Република Грција на еден современ европски начин, кон наиде на воодушевување и огромна почит кај нашите меѓународни пријатели и партнери, додаде Мираковска.

Таа потсети и на реформските процеси на кои се работеше „незапирливо со колегите пратеници од опозицијата”, при што заеднички беа донесени законски решенија во делот на реформите во безбедносните и разузнавачките служби, судството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, кои се носат со двотретинско мнозинство во Собранието.

Мираковска на крајот од воведното излагање посети дека ЕУ треба да ги одржи своите ветувања.

– Свесни сме за проблемите со кои се соочува Европската Унија денес, но исто така сметаме дека кредибилитетот на ЕУ почива на одржување на дадените ветувања. Само на тој начин можеме да ја јакнеме меѓусебната доверба и да се подготвуваме како ќе функционираме на еднаква основа по нашето членство во Унијата. Сметам дека досега покажавме дека сме доверлив партнер во повеќе наврати, а особено со улогата која ја одигравме за однос на мигрантската криза не само за регионот, туку и за целата Европска унија, истакна Мираковска.

Инаку, Мираковска е копретседавач со Комитетот заедно со европратеникот Андреас Шиедер, на чие дводневно заседание ќе бидат разменети мислења за односите меѓу земјава и ЕУ, а меѓу темите за дебата се владеењето на правото, судските реформи, борбата против организираниот криминал и корупцијата, како и изборниот систем и предложените реформи во таа сфера.

Пред парламентарците од двете делегации ќе се обратат и заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, првиот човек на Одделот во Директоратот за европска соседска политика и преговори за проширување Дејвид Кулен, шефицата на Одделот за Западен Балкан при Европската служба за надворешни работи Елза Фенет и постојаниот известувач на Европарламентот за земјава Илхан Ќучук.

Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Мешовитиот парламентарен комитет, покрај претседателката Мираковска, ја сочинуваат и пратениците  Бетиане Китев,  Жаклина Лазаревска, Никола Попоски, Шпреса Хадри, Ивана Туфегџиќ,  Иван Стоиљковиќ и  Мерал Узеири Ферати.

На крајот на состанокот утре се очекува да бидат усвоени Завршни препораки, кои ќе бидат упатени до институциите на земјава и на Европската унија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот