Миодраг Лабовиќ поднесе оставка од Советот за реформи во правосудството – Слободен печат
ВестиМакедонија

Миодраг Лабовиќ поднесе оставка од Советот за реформи во правосудството

Оставката ја поднесувам од морални причини, меѓудругото, заради неможноста за одвивање на вистинска дебата во која со рационална конфронтација на аргументи, вели во оставката.

Професорот Миодраг Лабовиќ информира дека денеска доставил писмена оставка од член на Советот за реформи во правосудството.

Во неговата оставка се вели:

„Ја известувам јавноста дека на седницата одржана на 20. 09. 2019 г.поднесов усмено оставка, како член на Советот за реформи во правосудтсвото, а на 21. 09.2019 г. и официјално доставив писмена оставка до надлежните органи.

Оставката ја поднесувам од морални причини, меѓудругото, заради неможноста за одвивање на вистинска дебата во која со рационална конфронтација на аргументи базирани на логичките принципи, кои се поврзани со неспорни емпириски факти, со силата на аргументите ќе бидат утврдени најоптималните стратешки насоки во заклучоците од работата на советот.

Имено, веќе подолго време укажувам дека моите предлози за нови стратешки насоки и ревидирање на некои од веќе постоечките во Стратегијата за реформи на правосудството (2017-2022), ( видете подолу во прилог), претставуваат генерални концепциски тези, кои и самите можат да бидат оспорени и заменети со уште подобри, а доколку нема такви, нивната суштина треба да биде запазена. Меѓутоа, во процесот на дебатирање можат да бидат пронајдени и подобри модификации во детали помеѓу бројните варијанти на конкретни предлог-решенија за операционализирање на самите стратешки насоки, отколку што се тие предложени од авторот.

И покрај тоа, изостана спремност за вистинска дебата, која ќе ги исцрпи сите валидни аргументи и контра-аргументи во функција на јавниот интерес, наспроти разноразни други интереси и/или неподготвеност за дебата. Длабоко сум убеден дека врз база на аргументи и факти може да се дојде до валидни заклучоци за најоптимални стратешки насоки, ако постои интелектуална способност за “сложување на коцките во сложениот мозаик” и свест за јавниот интерес изразен преку вредносниот консензус за заемно прифатените цели, како што се владеење на правото, борба против високата корупција и институционалниот тип на организиран криминал.

Во таа смисла, не можам да го прифатам единствениот аргумент што беше искажан, ако тоа е воопшто аргумент, а не е изговор, дека Владата не може да усвои стратешки насоки, колку и да се тие издржани, ако за тоа се потребни уставни измени.

Ваквиот став искажан од министерката за правда и претседавач со советот Г-ѓа Дескоска, беше дополнително образложен со тоа дека секое ставање на уставни измени во стратешка насока можело само дополнително да го обремени процесот на преговори со ЕУ при отварање на поглавјата и да ни создаде непотребни тешкотии, имајќи го предвид фактот колку тешко одат преговорите со опозицијата за обезбедување двотретинско мнозинство за Законот за ЈО. Мојот резон е обратен: ЕУ не може да бара од нас нешто што не е предвидено како услов во “бенчмарковите” и претставува за неколку класи поквалитетно решение од стандардните решенија, кои ЕУ ни ги задава како минимални прагови под кои не може да се оди.

Напротив, со проектирањето на најоптимални стратешки насоки Владата ќе искаже јасна подготвеност спрема ЕУ и другите меѓународни партнери дека се стреми кон најоптималните можни, реално одржливи и практично спроведливи решенија, со кои ЈО и судството ќе бидат целосно одвоени од политичките партии. А, не како сега да преговара со опозицијата за ЗЈО, за кој исто така е потребно двотретинско мнозинство, а се преговара за далеку понеквалитетни решнија предвидени уште во изборната програма на актуелната владеачка партија.

Што се однесува до опасноста дека опозицијата (без оглед која и да е таа сега или во иднина), ќе го кочи процесот на донесување уставни измени, без оглед колку и да се тие издржани, сметам дека во таква хипотетичка ситуација недвосмислено ќе стане јасно дека опозицијата настапува со декларативни заложби зад кои се кријат други лукративни интереси од дневно-политичка, тесно-партиска и лична природа. Според тоа, гледано дури и од аспект на чисто партиски бенифит, Владата што ќе има ” три пара мудра” државничка храброст да проектира вакви стратешки насоки може да има само политичка и секаква друга корист, а не штета. Која е тогаш вистинската причина зошто не се прифаќаат најоптималните стратешки насоки?

Впрочем, стратегиите се проектираат долгорочно со цел за создавање стратешки насоки, како репери-визии и идејни правци кон кои што ооштеството ќе се стреми при имплементирањето на системски стабилни решенија. Додека, прашање на тактика на владите е да определат динамика (рокови), најпогодни политички моменти во конкретно дадена констелација на политички сили и односи, како, на кој начин ќе ги спроведат конкретните решенија предвидени во стратешките насоки. Се разбира, во тактиката спаѓа и обезбедување на двотретинско мнозинство за неопходните уставни измени и системски закони. Во случај, ако од објективни причини некоја Влада не може да обезбеди двотретинско мнозинство, никој нормален ниту во домашната ниту во меѓународната јавност не може да обвини ниедна Влада затоа што проектирала стратешки насоки со уставни измени, а не успеала да освои на избори доволен број пратеници за тоа.

Сегашната ситуација во која ЕУ го поставува како своевиден услов усвијувањето на ЗЈО повеќе е поврзано со тековната потреба од воспоставување континуитет за предметите на СЈО. Инаку, актуелната влада има искуство за обезбедување двотретинско мнозинство кога беше во прашање промена на уставното име. Зошто не би се обидела и сега, за прашања кои се од многу повитален национален интерес на најголем дел од граѓаните на Македонија, ако се знае дека целта на овие уставни измени е значително подобрување на владеењето на правото, како најбитен предуслов без кој што не може да се решат сите други наши најголеми општесвени проблеми, пред се` во економијата, здравството, екологијата, образованието, медиумите, социјалата, меѓуетничките односи и сите други сфери од јавен интерес.

Неприфатливо е, барем за мене, главните чинители во општеството да се залагаат за длабоки системски реформи во правосудниот систем, како еден од круцијалните сегменти на системското владеење на правото, а притоа крајниот лимит на реформите да го гледаат во донесување пакет-закони, кои се однесуваат само на процедурални, организациски, квантитативни и квалитативни кадровски и материјално-технички прашања. Овие измени секако дека се потребни, но очичгледно е дека не се пресудни за квалитативниот исчекор кон целосна ревитализација на нашето правосудство, без подлабоко, квалитативно зафаќање во структурите на правосудниот систем и неговите потсистеми, со цел за обезбедување внатрешна и надворешна независност на правосудните институции и што е уште поважно – развиен систем на поделба на власта преку меѓусебна контрола и баланс на моќта меѓу клучните државни институции на највисоко државно ниво.

Се надевам дека оваа моја оставка барем малку ќе придонесе за развивање на свеста за потребата од вистински, длабоки структурни реформи во правосудниот систем и другите нераскинливо поврзани системи, како што се политичкиот, безбедносниот, јавната и државна администрација итн“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close