Министрите се договорија: ЕУ ќе се наврати на прашањето за Македонија до октомври годинава

Земјите членки на ЕУ ќе се навратат најдоцна во октомври 2019 година на отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија, се договорија министрите за надворешни работи на ЕУ, попладнево во Луксембург.

Оваа верзија бележи ситни промени, како поздравувањето на договорот од Преспа, на што инсистираа поддржувачите на Северна Македонија во Советот, и елемент кој внесува мала разлика во споредба со заклучокот за Албанија.

Сепак, земјите членки не успеваат да се договорат за датум за почеток на преговори, и повторно ветуваат да се навратат на ова прашање најдоцна во октомври годинава.

-Потврдувајќи ги заклучоците од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор без преседан и добро ја зема на знаење препораката на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со Република Северна Македонија врз основа на позитивната евалуација и направениот прогрес во исполнувањето на условите идентификувани од страна на Советот. Со оглед на ограниченото време на располагање и важноста на прашањето, Советот ќе се наврати со цел постигнување јасна и суштинска одлука најбрзо што може и не подоцна од октомври 2019 година, гласи последната верзија на заклучокот за Северна Македонија.

Со исклучок на Преспанскиот договор, заклучокот за Албанија е потполно ист.

Источноевропските земји најсилно се залагале за отворање на преговорите со двете земји без никакво одлагање, но отпорот од Франција, Германија и други западни земји останува преголем.

Предлозите на земјите кои и се наклонети на Северна Македонија не биле задржани – ниту споменувањето на преговарачка рамка, ниту на прва меѓувладина конференција, што ќе беше појасен сигнал за европската заложба кон проширувањето и барем еднакво силна порака како и ланските заклучоци, каде се споменуваше меѓувладината конференција и се нудеше подготвителен скрининг.

Дипломатски извори велат дека овој заклучок е најдобриот можен компромис со оглед на длабоките несогласувања помеѓу земјите членки на Унијата околу проширувањето, но дека оваа формулација „не носи автоматизам” за есенската одлука.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот