Министрите на Австрија, Чешка и Словенија со поддршка за Македонија

Министрите за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, на Словенија, Анже Логар и на Чешка, Јакуб Кулханек дојдоа денес во заедничка посета на Македонија што министерот Бујар Османи ја опиша како посета на силни поддржувачи на нашата држава. Тој им порача дека сме блиску до јунскиот самит кој преставува можност за Македонија да ги почне преговорите со Унијата и дека е време да се мобилизира цела енергија  за да стигнеме до таа цел.

Словенечкиот министер Логар нагласи дека тие се неформална група за Западниот Балкан во ЕУ, дека пратиле писмо до високиот претставик Жозеп Борел барајќи да се расправа за регионот, дека покренале и други иницијативи ,порачувајќи дека сега е време на ЕУ да испорача од своите ветувања на Македонија. Тој изрази задоволство што претседателите на Македонија и на Бугарија, Стево Пендаровски и Румен Радев,  ќе патуваат заедно во Рим бидејќи тоа е добра прилика да разговараат за проблемот, нагласувајќи дека Словенија му дава големо значење на дијалогот.

-Сакаме да го донесеме прашањето за Западен Балкан на врвот на европската агенда како стратегиско прашање. Местото на земјите од регионот е во ЕУ, рече Логар.

Шаленберг рече дека ова е многу силен сигнал од Централна Европа дека преговорите со Македонија и со Албанија за нив се стратегиски интерес. Тој нагласи дека ја подржуваат целосно работата на португалското претседателство со оценка дека ова е клучен период.

Кулханек , пак, рече дека нивната заедничка мисија во Македонија е да пратат порака дека ги ценат сите прашања што ги реши нашата држава досега во процесот на евроинтеграција, дека стартот на преговорите е долго одложуван и дека Австрија, Словенија и Чешка силно ја подржуваат португалската иницијатива  да се организира првата меѓувладина конференција. Не е тајна, рече тој, дека градењето добрососедски  односи е клучно во евроинтеграцијата, но тоа не треба да се користи за решавање на билатерални прашаења, додавајќи дека и Централна Европа имала вакви  отворени прашања, но ги наминала. Според него, ЕУ и земјите од Западен Балкан имаат имаат заедничка иднина и во тој поглед Македонија може да смета на нивната целосна поддршка.

-Никој не сака да оди во детали, ова е процес што е во тек, одговори Шаленбег на прашањето дали е можно решение на спорот откако Бугарија се изјасни негативно за предлогот што го понуди португалското претседателство. 

-Треба да направиме се што е можно тоа да се случи, дополни чешкиот министер.

-Има моменти во политиката кога некои работи треба да се направат. Во исто време има извесни моменти кога е подобро да не се зборува. Целосно го подржуваме португалското претседателство  и имам уверување од нив дека го подржуваат нашето претседателство. Најдобро е да немаме политичка дебата за спорот бидејќи тоа во моментов е во ваш интерес, додаде Логар.

Османи изрази благодарност за гласната поддршка и континуираниот ангажман на Австрија, Словенија и Чешка за досегашниот успех на европскиот пат на Македонија, а особено до Европската унија за обезбедените вакцини за граѓаните на целиот Западен Балкан.

-Би сакал да верувам дека ова лето носи повеќе од убаво време; нашите надежи се да имаме и поубава и попозитивна политичка клима. Летните самити на ЕУ се прозорец на можности што треба да го искористиме со сета своја политичка волја и напори. Влогот е преголем, а ние сме премногу близу за да ја испуштиме можноста. Вашето присуство во земјата е навремено, точно на 30 дена пред јунските состаноци на ЕУ, на кој очекуваме дека ќе имплементира одлуката од март, минатата година, за формален старт на преговорите, порача Османи.

Тој нагласи дека побарал и добил силна порака дека нивната гласност околу преговорите на Македонија нема да биде запрена. 

-Нивната поддршка е навистина цврста, конзистентна и долгорочна. Ние денес не го усогласуваме нивниот став за нашите европски интеграции – тој е одамна познат. Јас денес побарав и добив силни пораки на согласност од колегите, дека оваа нивна енергичност, овој напор и гласност во рамките на Унијата ќе продолжи. Во овој условно асиметричен спор со кој се соочуваме, нам ни се потребни пријателите за да ни овозможат фер платформа, да ни овозможат фер политички простор за да можеме преку дијалог да ги отстраниме пречките за продолжување на нашите европски интеграции, истакна Османи.

Министрите за надворешни работи се во посета на земјава во својство на претставници на неформалната групата земји членки на ЕУ „Ц5″, во која покрај Австрија, Словенија и Чешка, членуваат и Словачка и Унгарија. Tие покрај принципиелната поддршка имаат и интерес за напредок на регионот.

Видео на денот