Министерството за здравство остави без гинеколог 1.200 Ромки во Шуто Оризари

Жените од Шуто Оризари повторно без гинеколог/Фото: МИА

Лекар што се обврзал да работи во Шуто Оризари, иако има уште само три месеци да ја заврши специјализацијата, не може да продолжи со студиите поради неисплатениот субвенциониран дел на Министерството.

Доктор Ламбе Крстевски, специјализант што аплицирал на конкурс и потпишал договор со Министерството за здравство дека по завршувањето на специјализацијата ќе работи во амбулантата во Шуто Оризари, не може да ја заврши специјализација зашто Министерството не му уплатило на Медицинскиот факултет. Тој сепак добил уверување од Кабинетот на министерот за здравство дека парите ќе бидат уплатени во март. Тој има само уште три месеци до крајот на законскиот рок предвиден за специјализација.

Околу 1.200 жени од Шуто Оризари подолг период немаат матичен гинеколог во својата општина. За да го надмине овој проблем, Министерството за здравство од пред неколку години субвенционира 90 отсто од студиите на специјализант, кој со договор би се обврзал по завршувањето на студиите да работи во амбулантата во оваа претежно ромска населба.

Како што дознава „Слободен печат“, иако Крстевски веќе ги положил сите испити и му останал само специјалистичкиот испит, Медицинскиот факултетот не му дава да полага затоа што Министерството не префрлило пари на сметката на факултетот.

– Заедно со „Иницијативата на жени од Шуто Оризари“ поднесовме барање до министерот за средба. Бев на разговор и ми беше ветено дека во март ќе ги уплатат парите за да можам да го полагам специјалистичкиот испит. Се надевам на позитивен одговор – изјави Крстевски за „Слободен печат”.

Поголемиот дел од Ромките во Шуто Оризари немаат матичен гинеколог и нема кој да се грижи за нивното репродуктивно здравје и водењето бремености.

– Превентивата е најважна работа и секоја жена заслужува барем еднаш годишно да има гинеколошки прегледи. Има Ромки што никогаш не биле на гинеколошки преглед. Некои одат кај гинеколози во друга општина, но некаде ги примаат, некаде не. Се надевам дека ќе профункционира амбулантата во Шуто Оризари – додава Крстевски.

Конкурсот од оваа програма на Министерството за здравство со која се кофинансираат приватни специјализанти е од 2016 година. Со договори на сите овие специјализанти, точно им е одредено во која општина ќе бидат распределени по завршувањето на студиите во зависност од потребите на државата.
На Медицинскиот факултет „Гоце Делчев” е блокирана реализацијата на овие договори, затоа што за несудениот гинеколог на Шуто Оризари и за уште 13 други специјализанти Министерството за здравство не ја завршило својот дел од обврската.

– Нашиот дел е исплатен, ама не и дополнителниот на Министерството. Беа тоа не можеме да полагаме специјалистички испит, ниту да земеме лиценца од Лекарската комора – вели Крстевски.

„Слободен печат“ се обрати до Министерството за здравство со прашање зошто нема гинеколог во Шуто Оризари и кога ќе има, но одговор до објавувањето на овој текст, не добивме.

Здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ вчера пред Министерството за здравство бараше трајно решение за проблемот со отсуство на матичен гинеколог во Шуто Оризари. Претседателката на здружението Салија Бекир Халим за „Слободен печат“ вели дека неопходно е Министерството да реагира во најкус можен рок.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот