Министерството за правда подготвува нов закон за јавното обвинителство

Министерство за Правда/ Фото: Влада на СРМ

Министерството за правда подготвува нов Предлог закон за Јавното обвинителство, кој наскоро треба да биде доставен во Влада, а потоа и до Собранието.

Како што посочија од Министерството за правда, со ова законско решение, меѓу другото се определува кој ги презема надлежностите на СЈО и материјалите од незаконското следење на комуникациите.

Надлежностите на СЈО, како што предвидува Предлог-законот треба да ги преземе Обвинителството за организиран криминал и корупција, со што тоа ќе биде надлежно за гонење на висока корупција. Новото законско решение предвидува обвинителите од СЈО да продолжат да постапуваат по истите предмети кои се предадени Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, што значи дека продолжуваат сите предистраги и истраги што ги започнало СЈО, посочуваат од Министерството за правда.

Во Предлог – законот се предвидува државното Јавно обвинителство да ги чува снимките од незаконското прислушкување, односно т.н. бомби, кои не се предадени како докази во судовите. Предвидено е, како што информираат, по истекот на три години од правосилното завршување на постапките, тие материјали да бидат уништени согласно со одредбите за уништување на материјалите од посебните истражни мерки, согласно со закон, а записниците за уништувањето да се доставуваат до државниот јавен обвинител.

-Сериозно ги сфаќаме пораките дека потребен е нов закон за јавно обвинителство за продолжување на евроинтегративните процеси, велат од Министерството за правда.

За да биде донесен за законскиот текст во Собранието треба да гласаат 80 пратеници, односно тој се носи со двотретинско мнозинство. Неизвесно дали ќе биде поддржан од сите пратенички групи.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митревски денеска изјави дека имајќи предвид дека законот се очекува да биде предложен од Владата, тој ќе ја има поддршката од сите коалициски партнери односно и од ДУИ. Убеден е дека во Собранието ќе има двотретинско мнозинство за да биде донесен.

– За детали за текстот на законот во овој момент не можам да зборувам затоа што се уште ние како пратеници не сме го добиле. Секако дека сите пратенички групи ќе бидат консултирани за текстот и ќе се разговара за евентуалните забелешки кои би ги имале. Тој закон се носи со 80 гласа или со двотретинско мнозинство и се надевам дека ќе обезбедиме двотретинско мнозинство за конечно да го одблокираме и тој процес, рече Митревски.

Владејачкото мнозинство, според него, не сака да остави причини за повторно недобивање датум за преговори со ЕУ.

-Должни сме како партија и како мнозинство да работиме на реформи во правосудниот систем и ние сме решени тие реформи да ги спроведеме за конечно во оваа држава да има и разрешница на предметите кои се отворени, меѓутоа и да има судски одлуки кои ќе значат крај на тие судски процеси, рече координаторот на пратеничката група на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, според пратеникот Емил Димитриев ќе почека да го види законот, а потоа ќе се изјасни за текстот.

– Не е добро за демократијата што прекина дијалогот помеѓу опозицијата и власта не само за законите од сферата на правосудството, туку и за законите од сферата на одбраната и безбедноста. Како наближуваат изборите, креативноста на СДСМ и на Владата е се поголема. Ние овие очајни обиди во последните моменти ги сфаќаме апсолутно несериозно, меѓутоа ќе почекаме да го добиеме предлог на зкаонот на текстот и потоа ќе се изјасниме како партија, рече Димитриев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот