Министерството за правда го чека предлог законот за СЈО од ВМРО-ДПМНЕ

Предлогот се чита и како барање за ново Специјално јавно обвинителство, Фото: МИА

Во Министерството за правда сé уште не е пристигнат текст за нов закон за Специјалното јавно обвинителство што го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Оттаму посочуваат дека го чекаат предлогот, но оти нема да прифатат законско решение доколку во него има скриена амнестија.

– Со нетрпение го чекаме текстот од ВМРО-ДПМНЕ. Кога ќе го добиеме – ќе се произнесеме. Доколку има подобрувања на текстот, секако ќе бидат прифатени. Ако има скриена амнестија – нема да биде прифатена, велат од Министерството за правда.

Новиот закон за СЈО, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото ќе биде во склад со европското право и препораките и праксите на Европскиот суд за човекови права.

Работни групи на двете најголеми политички партии со кои раководи министерката за правда Рената Дескоска веќе подолго време немаат одржано средба за изнаоѓање заедничко решение за идниот статус на Специјалното јавно обвинителство и законот за Јавното обвинителство.

Двете страни најмногу спорат за членот 105 од Предлог законот што го регулира продолжувањето на постапките и судбината на доказите од прислушкуваните разговори. ВМРО-ДПМНЕ бара негово отстранување, со цел да се укинат сите обвиненија и истраги на СЈО покренати по 30 јуни 2017 година.

Овој предлог-закон е еден од условите за почеток на преговорите со Европската Унија. Последниот рок за донесување на законот за СЈО што си го постави власта е септември. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот