Министерството за политички систем е уникатно: Работат 44, а плата земаат 1.410 лица

Артан Груби / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Македонија е најверојатно единствената земја во светот каде што постои министерство во кое се ангажирани само три отсто од вкупниот број вработени. Во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците на платниот список има околу 1.400 вработени лица, а во рамките на министерството реално работат само 44 лица – открива

Платформата за истражувачко новинарство и анализи во соработка со Институтот за комуникациски студии и онлајн платформата Само прашај.

Како што велат оттаму, тенденцијата е во иднина бројката на „реално“ ангажирани да достигне околу 150 лица. Дел од овие 44 лица што секојдневно ги извршуваат работните обврски, сега се стационирани во централниот дел на Владата, каде што се наоѓа и кабинетот на министерот Артан Груби. Во друг дел, во т.н. седма купола, се наоѓаат работните простории на друга група вработени. Најпосле, уште еден дел од нив се наоѓаат во зградата на Министерството за земјоделство, каде што беа преместени во периодот кога се реконструираше владината зграда и останаа таму до ден-денес.

На врвот на пирамидата на министерството е министерот Груби, под чија директна надлежност, покрај тројцата посебни и тројцата кабинетски советници, кои сѐ уште не се именувани, се и две управи – Управата за афирмирање и унапредување на културата и Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, коишто досега функционираа како независни и самостојни органи. Дополнително, тука се и заменик-министерот Илхан Рахман, како и државниот секретар Рами Ќерими, кој не е јавен функционер, туку највисоко рангиран административен службеник. Под надлежност на државниот секретар, пак, се 20 државни советници, од кои 14 се за општи работи, тројца за стручна и оперативна поддршка и по еден за правична застапеност, децентрализација и годишни планови.

Официјалните податоци од Министерството за финансии покажуваат дека Министерството за политички систем за 2020 година има буџет од 542.785.000 денари, од кои трошоците за вработените за плати изнесуваат 523.665.000 денари. Практично, Министерството речиси сите пари ги троши на вработените, чија бројка, според регистарот на Министерството за информатичко општество и администрација, заклучно со минатата 2019 година изнесува 1.460 лица. Во меѓувреме, од Министерството за политички систем велат дека оваа бројка паднала на 1.410.

Според правните експерти и експертите за јавна администрација, ова министерство, вака поставено и со толкав број вработени што не работат, а земаат плата, е неспоиво со владините заложбите за рационална и ефикасна администрација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот