Министерството за култура најави рекорден буџет за заштита на културното наследство за 2021 година

Јас сум човек што искрено и длабоко ги почитува уметниците зашто повеќето од нив живеат за уметноста, а ретко кој од уметноста (Фотографија: Слободен печат / Драган Митрески)

Министерката за култура Ирена Стефоска, на прес-конференција во Владата, даде отчет за своите 100 дена како министерка, истакнувајќи дека ја прифатила оваа одговорна позиција за да даде максимум за доброто на сите во културата.

Министерката за култура Ирена Стефоска ја почна прес-конференцијата со информацијата дека на 98-тиот ден од новиот мандат, Владата ги усвоила заклучоците во врска со информацијата за спроведување на планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион.

Стефоска особено ја истакна важноста на заклучокот кој се однесува на градењето во Охрид, Струга и во Дебрца, каде што нема да може ништо да се гради без да се земат предвид заштитно-конзерваторските услови, а со тоа се очекува да се запре процесот на упропастување на ова наше и светско природно и културно добро.

Од активностите што се реализирани досега, Стефоска ги посочи: решавањето на проблемот со неисплатените плати на три илјади и шестотини вработени во културата, новиот концепт за Годишниот конкурс за поддршка на проекти од национален интерес во културата за следната година, а додаде дека како министерка останала доследна на законската обврска и на сопственото уверување дека членовите на стручните комисии мора да бидат докажани професионалци во својата област.

Министерката потсети дека со голема внимателност и неопходна стручност, почнале конзерваторско-реставраторските интервенции на црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, како и дека е обезбеден рекорден буџет за заштита на културното наследство за следната година, а е отворена и нова буџетска програма за културно наследство во опасност. Таа најави дека во планот за работа на штотуку формираниот Национален совет за заштита на културното наследство е разгледување на елаборатот за прогласување на скопскиот Аквадукт за културно наследство од исклучително значење.

Стефоска информираше дека е поднесена иницијатива до Управата за заштита на културно наследство за да се преиспита статусот на „Порта Македонија“ како културно наследство. Таа информираше и дека следната година, заедно со УНЕСКО, ќе ја чествуваме стогодишнината од раѓањето на академикот, лингвист и поет, Блаже Конески.

Од активностите што се во агендата на Министерството, Стефоска ги посочи: Законот за остварување на јавниот интерес во културата, кој е во Собрание, подготовката на Закон за културно наследство, како и работата над измените и дополнувањата на Законот за авторското право.


(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 61, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 19-20 декември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот