Министерството за финансии и УНДП потпишаа Меморандум за унапредување на фискалната децентрализација

 

Министерството за финансии, претставувано од министерот Фатмир Бесими и постојаната претставничка на УНДП во земјава Нарин Сахакјан денеска потпишаа Меморандум за унапредување на фискалната децентрализација, реформи во јавните финансии и економски развој.

– Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) ќе ги поддржи планираните реформи во насока на унапредување на фискалната децентрализација во земјава и зајакнување на капацитетите на локалните власти, како и градењето на подобар систем на јавни финансии, воопшто, велат од Министерството за финансии.

Со потпишаниот Меморандум предвидена е поддршка во реформите на јавните финансии и фискалната децентрализација, зајакнување на фискалната автономија и капацитетите за прибирање на приходи на локалната самоуправа, размена на најдобрите практики за фискална децентрализација, спроведување на активности од Акцискиот план за сузбивање на сивата економија и поддршка на развојот и либерализацијата на финансискиот пазар.

– Спроведувањето на реформи за креирање на подобар систем на јавните финансии и фискалната децентрализација се меѓу врвните приоритети на Министерството за финансии. Поддршката од нашите меѓународни партнери преку размена на искуства и стручна поддршка при дизајнирање и спроведување на реформите е од непроценливо значење за процесот и за нас. Со Меморандумот кој го потпишавме денеска се уредува соработката на Министерството за финансии со УНДП, која опфаќа навистина амбициозен план на активности, меѓу кои формирањето на фондовите за изедначување и за успешност кои ќе го подобрат пристапот до финансии на општините, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додаде дека, исто така, предвидени се активности за сузбивање на сивата економија, како креирање на дигитална платформа, како и активности за зајакнување на капацитетите за спроведување на новиот Закон за буџети, особено во делот на Фискалниот совет.

Постојаната претставничка на УНДП Сахакјан истакна дека УНДП ќе го поддржи процесот на унапредување на фискалната децентрализација преку советодавна помош и пилот механизми за финансирање на јавни услуги на локално ниво.

– Денеска ја реафирмиравме нашата заедничка заложба со Министерството за финансии да го забрзаме напредокот кон Целите за одржлив развој преку спроведување на ресонзивни и инклузивни политики, зголемување на отчетноста на јавните институции и забрзување на реформите во управувањето со јавните финансии и фискалната децентрализација. Зголемувањето на моќта на заедниците преку фискалното јакнење на локалните власти и целиот поднационален систем на владино финансирање се интегрални делови од политиките и стратегиите кои се потребни за достигнување на Целите за одржлив развој. Затоа, УНДП ќе го поддржи развојот на законската рамка за фискална децентрализација преку советодавна помош и пилотирање на механизми за финансирање на јавни услуги на локално ниво, рече Сахакјан, постојана претставничка на УНДП во земјава.

Планот за соработка на Министерството за финансии со УНДП се состои од 13 активности од кои најголем дел се посветени на заложбата за унапредување на фискалната децентрализација.

– Меѓу активностите, се и формирањето на Фонд за изедначување и Фонд за успешност за општините кои ќе го подобрат пристапот до финансии за општините кои се залагаат за јакнење на капацитетите за наплата на локални давачки. Предвидено е утврдување на индикатори за следење на фискалната децентрализација, зголемување на ефикасноста при наплата на локалните даноци, подобрување на ефективноста и профитабилноста на јавните претпријатија во општините, како и зголемување на транспарентноста и отеченоста на општините, информираат од министерството.

Оттаму додаваат дека, исто така, предвидени се и активности во однос на утврдување на вредноста на меѓународни трансфери на правните лица за даночни цели (трансферни цени), електронска размена на информации за даночни цели, активности за сузбивање на сива економија, зголемување на капацитетите на Министерството за финансии за спроведување на новиот Закон за буџети по неговото донесување и воспоставување на оддел „Вредност за парите” кој ќе го мери импактот на инвестициите врз економијата и нејзиниот развој.

– Од двете страни беше посочено дека градењето на подобар систем на јавни финансии, преку спроведување на реформи во повеќе области, ќе придонесе до забрзан економски развој, што пак ќе придонесе за креирање на подобри услови за живот и раст на стандардот на граѓаните, велат од Министерството за финансии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот