Министерството пред пет години издало дозвола за користење на езерските води

Хотели Охрид/Фото: Охрид СОС

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) во 2016 година издало водостопанска согласност за изградба на објект – ресторан/хотел на локација 5972/3, катастарска општина Охрид 4, кај месноста Горица, покрај Охридско Eзеро, на местото на сегашниот ресторан дискотека Парк.

„Слободен печат“ пишуваше за подготовките за уривање на овој објектот, на чие место се планира изградба на голем хотелски комплекс со придружни хотелски содржини, во првата заштитна зона на охридското крајбрежје, на самата плажа кај т.н. „Горица 1“.

Според важечкиот Закон за води, донесен во 2011 година, водостопанската согласност, која е неопходна при изградба на нови или реконструкција или доградба на постојни објекти, кои се наоѓаат во или покрај површинските води, објекти што поминуваат преку или под површинските води или објекти што се сместени во близина на површинските води или крајбрежните земјишта, а кои можат да влијаат врз режимот на водите, се издава заради заштита и одржување на природните и уредените речни корита и бреговите на водотеците, езерата и акумулациите.

Во писмениот одговор на МЖСПП признаваат дека е забранета изградба на објекти во крајбрежен појас на езеро и акумулации на 50 метра од линијата на највисокиот утврден водостој, освен со дозвола или согласност, но сепак му ја издале водостопанската согласност. Објектот на идниот хотел, кој добил одобрение за градба на оваа парцела од Општина Охрид во 2018 година, е предвиден да биде лоциран помеѓу 40 и 50 метри од самата линија на брановите на езерскиот брег, односно во забранета зона. Од Министерството велат дека водостопанската дозвола била издадена кога не постоеле никакви ограничувања во однос на планирање и изградба на објекти на брегот на Охридското Езеро, како и тоа дека на тоа место веќе постоел угостителски објект.

Министерството проценило дека е доволно да му напоменат на инвеститорот „да ги преземе сите активности за спречување од загадување на површинските и подземните води  како и спречување од  поплавување на околното земјиште, а сите активности да бидат во согласност со тогашниот важечки План за управување со НП Галичица“.  

Постојниот Закон за градење вели дека одобрението за градење престанува да важи доколку инвеститорот не почне со изградба до истекот на две години од издавањето на дозволата, а тој услов е исполнет бидејќи се изминати повеќе од две години и дека во тој случај општината има право да го поништи решението за градба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот