Министерство за здравство првпат го гледа документот во кој кинески Синовак преку посредник нуди половина милион вакцини

Министерството за здравство, тврди дека не добило понуда од кинескиот производител Синовак, за 500 илјади дози вакцини против коронавирусот. Слободен печат дојде до допис од фирма која се претставува како посредник од Кина, со име Вамос Биотек, во која се опишани условите за добивање на вакцина од Синовак.

Меѓутоа, во овој допис не е прецизирано дека понудата се однесува на Македонија, туку таа е општа. Веб страницата на компанијата е со истечен домејн. Стапивме во контакт со лица кои се претставуваат како официјални контакти на оваа фирма наведени во дописот, со прашање дали на македоснкото министерство за здравство му била доставена понуда од нив за вакцини од Синовак, но оттаму неофицијално ни одговорија дека тоа е прашање на кое треба да одговори министерството за здравство.

Во секој случај, цената наведена за една вакцина, во овој документ е 43 долари за една доза. Доколку се нарачаат 500 илјади дози тогаш посредничката фирма гарантира испорака за 15 дена од целосната уплата, а за количини меѓу еден и пет милиони дози, испораката е загарантирана за 25 дена.

Фото: Понудата за која се тврди дека е од посредник на Синовак

,,Процедурата за купување вакцини од Кина е следната. Фирмата што ја добавува вакцината за ковид 19 треба да ги прибере следните документи од владини агенции од вашата земја. Писмо со намери да купите одредена количина од ковид 19 вакцината, или од министерството за здравство, или од надлежна здравствена институција. Писмо од Министерството за здравство со авторизација, во кое што ќе го наведете Вамос Биотек како фирма што ќе биде агент за набавката и добавувањето на ковид 19 вакцината. Договор со клаузула за тајност меѓу Вамос и Министерството за здравство, докази дека ги поседувате потребните парични средства, писмо со поддршка од министерството за надворешни работи кое ќе ја овласти Вамос како агент за набавка на вакцината против ковид 19. Вториот чекор што го опишува компанијата посредник е дека таа ќе ги однесе сите овие документи кај производителот на вакцината во Кина, на проверка, како и да ги достави дозволите до кинеското министерство, пишува во документот потпишан од Вамос Холдингс.

По добивањето на дозволите, производителот ќе изработи договор кој ќе биде потпишан од трите договорни страни. Четвртиот чекор е да се регистрира вакцината во Македонија, а ако не е регистрирана, тогаш министерството за здравство да почне трета фаза од клиничкото испитување и на тој начин да се одвива администрацијата на вакцината”, пишува во понудата до која дојде „Слободен печат“.

Компанијата посредник опишува дека вакцината која може да ја обезбедат има ефикасност од 90 проценти, во превенција на ковид 19. Во прилог на документот се додава и дека вакцината на Синовак имала 91 процент ефикасност во клинички тестирања во Турција, дека во оваа земја немала несакани ефекти кои се значајни, а дека Бразил потврдил стопроцентна ефикасност на оваа вакцина против тешки форми на ковид 19.

Но, од Министерството за здравство се децидни дека ваква понуда првпат гледаат.

,,Министерството за здравство нема добиено допис каков што го испорачувате во вашето прашање. Конкретно од компанијата Синовак немаме добиено понуда за 500. 000 дози вакцини”, ни рекоа оттаму.

Професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски, во гостување на Канал 5 рече дека вакцини не се наоѓаат од канцеларија туку преку долгогодишни врски создадени во професијата.

-Не крајот е едно сигурно – ние сме излажани повеќе од другите земји. Не можам да разберам како нема амбасадори во Русија и Кина. Треба цели тимови да бидат таму, да работат на снабдување на вакцините. А во меѓувреме, луѓе умираат. Имам во телефон од декември 500.000 дози од „Синовак“ вакцина, предлог договор до македонската влада на која таа не одговара. Мене тоа на приватниот меил ми го имаат испратено – рече Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот