Министерство за култура: Предлог-буџетот за културата во 2021 година е реален и граѓански

Министерката за култура Ирена Стефоска на прес-конференција во Владата го презентираше Предлог-буџетот за 2021 година на Министерството за култура.

Министерката Ирена Стефоска на почетокот од своето обраќање на јавноста се осврна на приоритетите, на проектите и на политиките на Министерството за култура за 2021 година и истакна дека покрај сите предизвици – заштитата на културното наследство, поддршката на идеите и креативноста кај младите и ЕУ-интеграциите остануваат врвни приоритети, кои се проектирани и за следната година. Предлог-буџетот за 2021 година за културата изнесува 3.276.430.000 денари, а средствата наменети за финансирање проекти од национален интерес во културата во 2021 година изнесуваат 970.100.000 денари. Предлог-буџетот за култура во однос на целиот Буџет на Република Северна Македонија е 1,23 проценти, а во однос на Буџетот за 2020 година е намален за 10.000.000 денари.

Министерката Стефоска информираше дека во изминативе неполни три месеци се решавале голем број предизвици, свесни дека се наоѓаме пред година која нема да биде помалку лесна од претходната.

– Затоа работиме посветено за да креираме култура која ќе биде во релација со реалноста. А реалноста е дека – Буџетот за 2020-та длабоко стапнал на „чергата“ за 2021-ва. Околу една третина од обврските за оваа година се пренесуваат за следната, од две причини: првата е, во мај годинава Буџетот е скратен 30 отсто, и втората, затоа што во јуни и јули се склучувале анекс на договори за зголемување на сумите во одредени дејности, како и прифаќање проекти по жалба, кои претходно биле одбиени – истакна Стефоска.

Ирена Стефоска, министерка за култура

Министерката појасни дека откако ја презела функцијата, побарала отчет за секој потрошен денар и за секој долг на Министерството што се прелевал од година во година. Таа истакна дека буџетот за 2021-ва е реален, прилагоден на околностите и е проектиран во согласност со здравствената и економската криза предизвикана од коронавирусот.

– Успеавме, и покрај тешката економска ситуација, да имаме приближно ист буџет како минатата година. Скратени се средствата за културата, но тие се скратени во сите министерства, бидејќи во овој момент се соочуваме со здравствен предизвик чие побрзо надминување е во интерес на сите граѓани. Ние сега мора да преживееме за потоа да можеме да живееме – нагласи Стефоска.

Министерката Стефоска појасни дека во Предлог-буџетот за 2021 година се предвидени повеќе средства за исплата на платите на вработените во установите од областа на културата согласно со потпишаниот Колективен договор за култура, предвидени се средства за нивелирање на платите на директорите на националните и локалните установи, а зголемување има кај ставката Блок-дотации, каде што се предвидени повеќе средства за исплата на бруто-платите на вработените во локалните установи кои се нивелирани заради примената на новиот Колективен договор, како и за платите на директорите на локалните установи. Предвидени се и средства во висина од пет милиони денари за поправки и тековно одржување на објектите на националните установи, од кои голем дел се изградени пред 30 години.

Во Предлог-буџетот за 2021 година се предвидени средства и за работа на Министерството за култура и за Управата за заштита на културното наследство со износ од 240.283.000 денари, а од овие средства, 2 милиона денари се предвидени за набавка на софтвер и хардвер за современо функционирање на Министерството за култура и за набавка на соодветна информатичка опрема. Во рамките на буџетот за култура од следната година се отвора нова програма – „Културно наследство во опасност“, за која ќе бидат издвоени 12 милиони денари.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 58, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 28-29 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот