Министерот Љупчо Николовски утре во посета на Белград

Љупчо Николовски
Љупчо Николовски / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски утре ќе престојува во посета на Белград.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, повикувајќи се на соопштение од српското Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски заедно со колегите од Албанија, Фрида Крисца и Република Српска, Борис Пашалиќ, ќе присуствува на отворањето на третиот Меѓународен саем за овошје, зеленчук и лозарство „Агро Белград”, што ќе го отври српскиот ресорен министер Бранислав Недимовиќ.

„Агро Белград“ ќе се одржи на Белградскиот саем од 27 до 29 јануари и на него ќе се претстават 500 изложувачи од Србија и светот и пет делегации на високо ниво, а ќе бидат организирани и бројни стручни собири. Меѓу излагачите има и компании од Италија, Шпанија, Холандија, Швајцарија и Германија.

Во текот на трите дена од настанот, ќе се организираат стручни конференции и состаноци на кои, меѓу другото, ќе се разговара за стандардите во производството на овошје и зеленчук, иднината на производството на бобинки, транспорт на овошје и зеленчук во контејнери за ладење, револвинг фондовите за финансирање, прецизното наводнување, модернизација на винарството, производство и преработка на лековити и ароматични растенија во Србија.

За време на Саемот ќе се организираат и средби на странски и српски купувачи со производители на овошје и зеленчук во свежа, замрзната и преработена состојба, а ќе бидат претставени и најсовремените технички достигнувања, каде што ќе може да се видат водечките светски брендови на трактори и механизација, системи за наводнување и противградни системи, беспилотни летала и друга современа опрема.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот