Министерот Филков го навлече гневот и на ДУИ
ДУИ до Собранието достави измени на Законот за правосуден испит, побара кривична одговорност за министерот за правда Филков, но и акција на Инспекторатот за употреба на јазиците
Европскиот фронт предводен од ДУИ атакува негова да стане заслугата за студентите да го полагаат правосудниот испит на албански јазик, откако премиерот Христијан Мицкоски порача дека без измени на Законот, испитот ќе се полага само на македонски јазик. Министрите за правда и за евроинтеграции Игор Филков и Беким Сали на оваа тема јавно се препукуваа, но ДУИ до Собранието достави измени на Законот за правосуден испит и побара кривична одговорност за Филков и акција на Инспекторатот за употреба на јазиците.
Препорачано
Со предложените измени на Законот, се бара „правосудниот испит да се полага на македонски јазик и на неговото кирилско писмо или на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на РС Македонија и неговото писмо“. При полагање на правосудниот испит, кандидатот задолжително во барањето за полагање да наведе еден од јазиците на кој ќе полага, програмата да се подготвува на македонски и со кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, да ги содржи прописите, правната литература, а и испитните прашања да се преведени на албански. Се бара и претседателот, членовите на Комисијата и замениците да ги именува министерот за правда од редот на професорите по право од акредитираните правни факултети, од судиите, јавните обвинители или адвокати, со решение со кое се определени предметите по кои тие ќе бидат испитувани и јазикот на кој ќе се испитува.
„Доколку кандидатот го полага испитот на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, сите потребни материјали се обезбедуваат на јазикот на кој се полага испитот. При полагање на писмениот дел од испитот на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните, кандидатот може да се служи само со закони и други прописи на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните во кои не се содржани објаснувања, коментари и слично“, се вели во Предлогот за измени на Законот.
Во образложението се вели дека со измените на Законот ќе се овозможи полагање на правосудниот испит и ќе се обезбеди еднаквост при пристапот до правосудните професии, зголемување на застапеноста на албанската заедница во правосудниот систем и подобрување на квалитетот на правната заштита за албанските граѓани. Одредбите се темелат на принципите на еднаквост пред законот и недискриминација, службена употреба на јазиците во согласност со Уставот, обезбедување квалитетна правна заштита и унапредување на ефикасноста и економичноста во нивното спроведување.
Имплементацијата на предложените измени ќе предизвика финансиски импликации, и тоа за превод на правна литература и испитни материјали на албански јазик, за развој на двојазичен софтверски систем за управување со испити, за обука на испитна комисија за двојазично работење итн. ДУИ предлага измените на Законот да се донесат по скратена постапка.
Мицкоски им се обрати на Сали и на Филков – престанете денеска!
Иако побаравме, не добивме одговор од пратеничката група на Вреди дали ќе ги поддржат измените предложени од пратениците на Европскиот фронт.
ДУИ побара одговорност од министерот Филков.
– Попречувањето на спроведувањето на Законот за јазиците од Министерството за правда и одговорните лица претставува основа за кривична одговорност за злоупотреба на службена положба и овластување, во согласност со Кривичниот законик, кога службено лице свесно не го спроведува законот и им го одзема на граѓаните загарантираното право. Намерното неспроведување на Законот и создавањето исклучива практика против албанскиот јазик содржат елементи на занемарување на должноста кога државен орган одбива да дејствува, иако има јасна законска обврска – велат од ДУИ.
Според партијата на Али Ахмети, негирањето на правото на употреба на албанскиот во државна постапка, како што е правосудниот испит, создава клима на исклучивост и содржи елементи на поттикнување меѓуетничка нетрпеливост.
– Бараме од Инспекторатот за употреба на јазиците веднаш да ги утврди прекршувањата и да поведе прекршочна постапка против Министерството за правда и одговорните лица, а Јавното обвинителство да процени постоење елементи за кривично гонење за злоупотреба на службена положба, неизвршување службена должност и поттикнување меѓуетничка нетрпеливост. Бараме и лична одговорност од министерот за правда за секоја одлука или недејствие што го попречува спроведувањето на Законот – велат од ДУИ.
И народниот правобранител Фатон Селами, по сопствена иницијатива, ќе бара анализа на Законот за јазици и постапката на Министерството за правда.


