Министерот Дураку ја откри тајната на својата генијалност - Слободен печат
Колумни

Министерот Дураку ја откри тајната на својата генијалност

Ќе рече некој дека Интернет експлорер не користи никој и дека оваа алатка е технички подредена во однос на Гугл хром, Опера или Замунда, но така не мисли Дураку, кој перфидно но намерно, како вештина во својата биографија го наведе токму познавањето на Интернет експлорер.

Сите вредни луѓе на овој свет, оние што придонесуваат за заедничкото добро, што го носат на свои плеќи бремето на народите, кои несебично одвојуваат од својот интелект се согласни дека само една вештина ги одвојува надарените од просечните.

Ќе помисли некој наивно дека во својата биографија со која конкурира за било кое работно место, дека треба туку така да пише штотијазнам познавање на компјутери и да чека ХР-стручњаците да наседнат на неговата воопштеност и генерализација во сивито. Не, потребно е во детал да се наведе какво тоа познавање од компјутери владее кандидатот за да може да аплицира за работната позиција, без разлика дали посакува да се вработи на лента во „Џонсон Мети“ или еве на пример да биде избран за министер.

Лидерите на нашето време ќе се сложат дека вештината која се чини како подзаборавена, но е од ислкучително значење за работата на еден министер, директор или предработник во „Арчелор Митал“ е познавање на тајните на Интернет експлорерот. Мистериозната алатка на Мајкрософт, која на Бил Гејтс му донесе милијарди, а на Садула Дураку две министерски позиции во три години.

Ќе рече некој дека Интернет експлорер не користи никој и дека оваа алатка е технички подредена во однос на Гугл хром, Опера или Замунда, но така не мисли Дураку, кој перфидно но намерно, како вештина во својата биографија го наведе токму познавањето на Интернет експлорер.

Си го замислувам моментот кога минестерот за животна средина, а од некој ден и за политички систем влегува во својата канцеларија, седува на столчето, експертски се наведнува и го вклучува компјутерот. Десетина секунди концентрирано го слуша звукот што компјутерите го испуштаат кога го подигнуваат оперативниот систем, чувствува како статичкиот елетрицитет му ги помрднува влакненцата од косата, го впишува пасвордот „Садуламинистер111“ и тогаш настапува апсолутна тишина. Тоа трае две или три секунди, но тогаш министерот решително со еден потег притиска на тоа е-то што може да се пронајде на мониторот, успевајќи од прва да го покрене пребарувачот. Некој ќе рече дека Интернет експлорер и можеби не треба да се користи, бидејќи алатката работи бавно и прилично лошо и несигурно пребарува по интернетот, но доколку некој ја прочитал до крај биографијата на Садула, деновиве поднесена во Собранието, ќе види дека тој е навикнат да работи под притисок. Со други зборови Дураку нема проблем со нервоза, а сите што на времето сурфале со Интернет експлорер добро знаат што е нервоза, кога пребарувањето ќе се стопира на 40 проценти од шишките на Памела Андерсон.

Слушам коментари дека биографијата на Дураку наликува на експрес сивијата, што можат да се добијат за 100 денари во фотокопирницата кај киното во Кавадарци, кои се користат на ангро при аплицирање во „Дрекслер Мајер“. Но, дали е така? На аналитичкото око повторно ќе му падне во фокусот вештината која Бил Гејст го збогати, а од Садула Дураку направи незаменлив министер во владата на Зоран Заев. Неговото височество од вештина, Интернет експлорер, е тоа што Садула го прави поинаков од работниците во „Кромберг и Шуберт“, лозарите во „Тиквеш“ и операторите во „Кожувчанка“.

А тоа што министерот инсистира да користи алатка за пребарување на интернет која веќе никој со години не се вклучува, може само да биде доказ за неговата традиционалност и почитување на трајните вредности. Се разбира тој умее да работи под присисок и е одличен тимски играч.

Ова е добар совет за младите, кои наместо да трчаат по партии и лажни дипломи, да го загреат столчето и да извежбаат тоа Интернет експлорерот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Слични артикли

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close