Министерот Бесими призна: Се разговара за еколошка такса за дизел и за помал ДДВ за струја

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Нема одлука, но се прават консултации за воведување на еколошка такса за дизел горивото, како и за намалување на данокот на додадена вредност од 18 на 5 проценти за електричната енергија. Ова е одговорот на министерот за финансии Фатмир Бесими на новинарско прашање, откако претходниот ден опозицијата обелодени дека во претстојниот ребаланс на Буџетот е земена во предвид еколошка такса од 4 денари по литар за дизел гориво која треба да му донесе 27 милиони евра на Буџетот почнувајќи од јули до крајот на годината, како и во Буџетот да има помал прилив од 33 милиони евра за половина година поради намален ДДВ за струја.

Бесими вели дека за ова не соопштил при презентацијата на Буџетот затоа што консултациите се уште не се завршени, а предвидени се и дебати со сите засегнати страни, вклучувајќи ги и стопанските комори.

-Владата се уште нема донесена таква одлука, но се прават сеопфатни анализи во однос на еколошката агенда за зелена транзиција и инвесирање во обновливи извори на енергија и создавање на еколошки фонд на ниво на Владата за зелен равозј. Значи, не се работи за зголемување на акциза, туку за еколошки такси, во кои се опфатени и нафтените деривати, а за кои се уште нема одлука на Влада – рече Бесими.

Тој рече дека е коинциденција што во исто време се размислува и за намалување на ДДВ, додека опозицијата обвини дека намалувањето на ДДВ всушност ќе се компензира со еколошката такса за дизелот.

– Во контекст на либерализацијата ние ги следиме трендовите, но и за ова прашање нема одлука и ќе има консултации – рече Бесими.

На прашањето кога ќе се направат консултациите, кога веќе има конкретни пресметки во однос на еколошката такса и намалениот ДДВ во ребалансот на буџетот, и тоа за периодот од јули до крајот на годината, министерот рече дека очекува до крајот на месецов да завршат дискусиите и анализите за може да има измени на закон, кој исто така треба да се изгласа во Собрание, за да новините околу еколошката такса и ДДВ се имплементираат во ребалансот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот