Министерка за надворешни работи на Белгија, Вилмес по средбата со Османи: С. Македонија покажа волја за реформи за влез во ЕУ

Фото: mia.mk

Белгиската министерка за надворешни работи, Софи Вилмес денеска се сретна со нејзиниот македонски колега, Бујар Османи. Од нејзиниот кабинет информираа дека министрите разговарале за ЕУ перспективата на земјата како и за белгиските инвестиции во Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Белгија ја споделува оценката на Европската Комисија (ЕК) за реформите за влез на Северна Македонија во ЕУ.

– Официјално кандидатка за членство во ЕУ од 2005 година, Република Северна Македонија во последниве години ја покажа својата волја да биде дел од европскиот проект, вклучително преку низа на амбициозни реформи за приближување кон европските придобивки. Овие напори се позитивно оценети од страна на Европската Комисија, соопштија од Кабинетот на министерката.

Софи Вилмес порача дека Белгија ја поддржува европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, но смета дека нивната апликација за членство треба да биде оценета врз основа на сопствените заслуги и условена стриктно според реалниот напредок на терен. Тој треба да биде неповратен, меѓу другото во однос на владеењето на правото и човековите права.

Османи и Вилмес констатирале дека Белгија е важен економски партнер за Северна Македонија и изразиле надеж дека ќе продолжат добрите односи. Белгија, исто така, бара од Северна Македонија да внимава на заштита на инвестициите. Брисел и Скопје се заложиле и да продолжат да разменуваат добри практики во области како човековите права и родовата еднаквост.

Станало збор и за регионалните прашања меѓу двајцата министри, при што Вилмес го поздравила Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија.

– Помирувањето и стабилноста на Балканот е клучна за Европската Унија. Затоа е неопходно дијалогот меѓу Северна Македонија и нејзините соседи да биде постојан за да се постигнат овие цели, изјавила шефицата на белгиската дипломатија на средбата со Бујар Османи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот