Минималната плата ќе се зголеми од ноември

Синдикатот, Владата и Организацијата на работодавачи на Македонија се согласиле дека минимална плата може да се зголеми од ноември, кога ќе почне да функционира и субвенционирањето на придонесите за пензиско и здравствено осигурување. Според сознанијата, црвената линија за работодавачите е 14.000 денари, но има и такви што сметаат дека не може да поднесат никакво зголемување на платите.

Според она што Владата го ветуваше на почетокот на својот мандат, минималната плата во 2020 година требаше да биде 15.160 денари.

– И со 14.000 денари дел од фирмите ќе имаат проблем. Дел од фирмите, особено во трудоинтензивните дејности, се најдоа во незгодна ситуација, бидејќи немаат моќ. Ниските цени што ги добиваат од странство и продуктивноста што ја имаат, не им дозволува некое драстично зголемување на платите. Ова ќе беше страшна мерка ако не се воведеше  субвенционирање на придонесите за зголемувањето на платите – изјави Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавачи.

Од Сојузот на синдикати на Македонија, пак, уште во февруари годинава излегоа со став дека има простор за зголемување на минималната плата и дека се отворени за дијалог.

„Пресметките на ССМ покажуваат дека има потреба од зголемување на минималната плата за најмалку 12 проценти, со што ќе се приближиме до европскиот тренд на висина на минимална плата имајќи ги предвид пред сè заложбите на државата за побрзо интегрирање во европското семејство. Сојузот на синдикатите на Македонија е спремен за отпочнување социјален дијалог во врска со ова предложено зголемување на минималната плата, која ќе биде основа за зголемување на платите на сите вработени“, соопштија тогаш од ССМ.

Но во април, согласно со Законот за минималната плата, таа се зголеми само за 3,3 проценти. Толку беше усогласување според формулата по која минималнaта плата се коригира еднаш годишно во зависност од порастот на просечната плата, порастот на трошоците на живот и зголемувањето на бруто-домашниот производ. Тогаш минималната плата се зголеми од 12.164 денари на 12.507 денари, додека ССМ сметаше дека е можно таа да биде 13.623 денари.

Од ССМ велат дека според европските препораки и тенденции, минималната плата треба да изнесува 60 отсто од просечната плата во државата. Последните податоци за минималната плата од Државниот завод за статистика се однесуваат за јуни и таа изнесува 25.205 денари, што значи дека 60 отсто се 15.123 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот