Mини-Шенген за вакцини

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Вакциналната „миграција“ од регионот кон Белград и Ниш ја наметна и темата – има ли подготвеност за регионална соработка поврзана со најважниот процес годинава – имунизацијата.

„Мини Шенген“ иницијативата беше покрената кога земјите од Балканот заглавија во ќорсокак на патот кон Европската Унија. Идејата беше разочараноста од нерешителноста на европските партнери за проширување на нивното членство да се преточи во акција. Лидерите од регионот одржаа неколку средби со намера да се договорат за полесен проток на стоки, капитал, идеи и луѓе, не отстапувајќи од стратешката цел – полноправно членство во Унијата.

Пандемијата ја затвори отвореноста за соработка. Вакцинационализмот е повторно причина за разочараност и евроскептицизам, овојпат поради доцнењето на испораката на вакцините. И земјите од ЕУ се преокупирани со свои проблеми за да посветат повеќе внимание на Западен Балкан. На мини-Шенгенот се подзаборави, но регионалната соработка е на пат да се обнови во (не)време со пандемија, откако Србија ги крена рампите за да прими невакцинирани граѓани од соседството. И тоа во моментот кога воведе построги мерки за влез во земјата за патниците од остатокот на светот. Поканата наиде на одзив од повеќе десетици илјади граѓани од регионот кои ја искористија можноста за вакцинација, а изрази од воодушевување на пресреќни вакцинирани Македонци ги опсипаа социјалните мрежи.

Од потегот на српската влада – вакцините да ги донира наместо да ги фрла поради истечен рок на траење – добиваат сите: Србија само може да ги поттикне своите граѓани на помасовна вакцинација по застојот во претходниот месец, а земјите во регионот да добијат во време и во процент на имунизирани лица додека не пристигнат поголеми количини вакцини. Најмногу ќе добијат имунизираните граѓани. Озлогласениот Балкан, пак, добива углед со пораката дека е можно да се биде хуман и во моменти на очај поради преполни болници и мртовечници.

Вакциналната „миграција“ од регионот кон Белград и Ниш ја наметна и темата – има ли подготвеност за регионална соработка кон најважниот процес годинава – имунизацијата? Таа е веќе воспоставена, но може и да се надгради и дефинира на ниво на влади и здравствени власти. Зошто да не и заедничко финансирање проекти, како што е производството на руски и кинески вакцини во институтот „Торлак“ во Белград? Вакцините, извесно е, ќе бидат нашата скорешна, а можеби и подалечна иднина.

По почетната збунетост на официјално Скопје поради масовниот одзив на Македонците за вакцинирање во соседството, прифаќањето на новата српска донација од 20.000 вакцини „Спутник В“, е само разумно понудено рамо за боцкање. Впрочем, зошто да се малтретираат граѓаните да патуваат кога тие вакцини може да се аплицираат и во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Не е време за суети. Наместо да се чека неизвесната испорака на вакцини во доволен број за да се нарече вакцинацијата масовна, иницијативата од север треба да се прифати со две раце и да се надгради според можностите, потребите и потенцијалите, здравствени и економски, на двете земји. Тоа би бил вистинскиот мини-Шенген кој широко би ги отворил вратите за идна уште поплодна, само економска соработка врз принципот на меѓусебна доверба и солидарност.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот