Мина Чанг – една од многуте измамници во администрацијата на Трамп

Фото: Luiz Rampelotto/EuropaNewswire / AFP / Profimedia

Младата и привлечна Мина Чанг суптилно се насмевнува на насловната страна на престижниот магазин Тајм. Под нејзиниот портрет, со големи букви стои насловот: „Го менуваме светот: Модерните хуманитарци во дигиталното време“.

Насловната страна на угледниот магазин беше само една од многуте фотографии кои ги донесе оваа млада и успешна жена на интерјуто кое е објавено со неа на една американска телевизија во јануари 2017 година, пренесува хрватски „Експрес“.

Чанг своето присуство во емисијата го „заслужила“ поради борбата против екстремизмот. Освен тоа, оваа директорка на мала непрофитна организација, како што ѝ се претстави на водителката, во тоа време беше и висока претставничка на Стејт департментот, пишува „Вашингтон пост“.

Тема на разговорот во интервјуто биле напорите за сузбивање на терористичките групи како Боко Харам во Африка и Исламска држава на Блискиот исток.

Во петата минута од разговорот, водителката на емисијата ги повика гледачите заедно да ја погледнат „фотографијата која Мина Чанг ја донела во студиото и која сведочи за нејзината работа ширум светот“.

Не екранот се појави насловната страница на магазинот Тајм, а воодушевената водителка ја пофали Чанг и побара да ѝ раскаже како таа успеала да дојде до ова признание.

Чанг објасни дека нејзината организација користи „беспилотна технологија за да спречување на катастрофи“.

– Претпоставувам дека така им привлеков внимание – ѝ рече самоуверено на водителката. Единствено што не призна е тоа дека насловната страна е лажна.

Лажната насловна страна е само едно од нејзините бројни измислени достигнувања од животот на Чанг, сторија која први ја разгледаа и истражија новинарите на Ен-Би-Си откако утврдија дека 35-годишната соработничка на Трамп ја „разубавила“ својата биографија со бројни измислени податоци.

Како што рекоа – тоа е константен проблем со администрацијата на Трамп, поточно пополното занемарување на „алармантните предупредувања“ за време на проверката на потенцијалните вработени и личности кои ги именува во својот тим.

Минатата година „Вашингтон пост“ ја пренесе сторијата за 24-годишниот Тејлор Вејент кој најпрво работел во неговата кампања, за потоа да биде унапреден во шеф на Канцеларијата за прашања за дрога во Белата куќа. Откако информациите за неговите сомнителни квалификации се објавени во „Вашингтон пост“, Вејент по една година е избркан од канцеларијата.

Трамп во август го повлече потписот од документот со кој за негов директор на националните разузнавачки служби требаше да стане Џон Ретклиф од Тексас. Ретклиф се фалел дека како сојузен обвинител „уапсил повеќе од 300 нелегални имигрнати во еден ден“, но „Вашингтон пост“ откри дека сите негови објави биле само обична лага.

Откако најави промена во плановите, Трамп упорно се обидуваше да ја одбрани Белата куќа од скандали поради пропустите при проверката за веродостојноста на Ретклиф.

– На новинарите им го давам името на кандидатот, а тие го проверуваат. Така заштедувам многу пари – рече Трамп.

Последната проверка на медиумите тогаш изнесно уште неколку проблематични случаи, но овојпат на ред дојде и Мина Чанг која во април стана извршна секретарка во Канцеларијата за операции на судири и стабилизација. Во еден момент таа дури и „беше во игра“ за местото во Канцеларијата на американската агенција за меѓународен развој во Азија, но ова именување е повлечено без објаснување.

Службениците во Белата куќа и Стејт департментот не одговориле на барањата за коментар или на прашањата за нејзините наводни квалификации. Агенцијата исто така не дозволи Чанг да било што да коментира или да дава интервјуа. Нејасно е дали ја поминала проверката на безбедносните служби што е редовна постапка за службениците на високо ниво.

Во својата службена биографија на страниците на Стејт демпартментот, Чанг ја искористила истата фотографија која се најде на лажната насловна страна на магазинот Тајм. Тука пишува дека таа „магистрирала на Харвард Бизнис“, место на кое држела говори на конвенциите на демократите и републиканците.

Слична биографија е објавена и на веб-страната на непрофитната организација Нова Америка. Својот Твитер-профил го користела за самопромоција, но од пред два дена таа е недостапна.

– Чанг ја има завршено програмата на Харвард, но ниту приближно онаа која ја има наведено во биографијата – магистар на деловна администрација. Чанг посетуваше осумнеделен курс како „напреден програм за управување – рече за „Вашингтон пост“ Брајан Кени, главен директор за маркетинг и комуникации на Харвард Бизнис.

Веб-страната на која е објавена програмата на курсот вели дека посетителите ќе станат „доживотни членови на Харвард Бизнис-алумни заедницата“, но Кени рекол дека „тоа не е на исто ниво како мастер-диплома“.

Но, програмата за напредно управување, која ја поминала Чанг, отворена е за сите. Сѐ додека работодавецот ги спонзорира, а компанијата може да ги исполни одредените стандарди и да издвојат 82.000 американски долари, личноста може да се запише.

Нејзините тврдења за говорите на конвенции на републиканци и демократи исто така, по се изгледа најверојатно се претерани, а таа учествувала на помалку важни средби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот