Милошоски за укинувањето на функцијата „почесен претседател“: Подобро е честа да си ја задржиш кај членството и граѓаните, наместо истата да биде врамена во плакета

Дополнувањата на Статутот на ВМРО-ДПМНЕ од страна на Централниот комитет претставуваат негова модернизација и заслужуваат да бидат поздравени, реагира на својот фејсбук профил Антонијо Милошоски.

„Значаен чекор напред во непосредната внатрепартиска демократија е воведувањето на непосреден избор од страна на членството на идните кандидати за општински советници, и идните кандидати за градоначалници. Минатиот труд, личниот углед, довербата кај членството и капацитетот на кандидатот да се носи со обврските на овие позиции ќе добијат на тежина.

Ограничувањето на мандатите на Претседателот на партијата и претседателите на ОК е нов значаен исчекор, со кој за првпат актуелното раководство на ВМРО ДПМНЕ става до знаење дека долговечноста на партиската функцијата не е цел сама за себе, туку дека партијата има доволно ресурси за редовно освежување на кадровските постави. Ваквиот циклус ќе внесува нова внатрепартиска динамика и кадровски натпревар, што ќе биде значајна демократска алатка за мотивација на активните членови.

Формирањето на Форум на интелектуалци како и Унија на ветерани е многу корисно бидејќи овие две тела се очекува да го зголемат опсегот на делување во рамките на своите целни групи и од истите да се добиваат корисни идеи, проекти и совети.

И за крај, во рамките на секоја партија или држава, сосема доволна чест, обврска и престиж е некој да биде претседател на партијата, на државата, на владата, градоначалник или министер, па затоа титуларните функции “почесен претседател, почесен градоначалник, почесен премиер” и слично, немаат некоја суштинска кадровска улога и подобро е за секого честа да си ја задржи кај членството и граѓаните, наместо истата да биде врамена во плакета“, напиша Милошоски.

Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на синоќешната седница ги усвои измените во Статутот на партијата, кои не предвидуваат почесни членови и почесни претседатели. Тоа значи дека ниту Никола Груевски, ниту било кој друг почесен поранешен претседател согласно новиот Статут не се повеќе почесни претседатели.

Тошовски: ЦK eдногласно го овласти претседателот Христијан Мицкоски да преговара за ново парламентарно мнозинство

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот