Милошоски чека Минов да свика комисиска расправа за инцидентот на Џафери

Фото: Архива

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски ќе почека претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетски прашања да свика седница за инцидентот на претседателот на Собранието Талат Џафери кој беше снимен како вулгарно вика и навредува вработени од службите, во споротивно тој ќе иницира комисиска расправа.

– Ќе почекам да се изјасни претседателот на Комисијата Панчо Минов оти знам дека допрел глас до него за инцидентот на Џафери, па ќе преземам следни чекори – вели за „Слободен печат“ Милошоски.

Пратеникот преку Фејсбук го повика Минов како претседател да свика седница на Комисијата која е надлежна за утврдување на тешки повреди на собранискиот Кодекс за етичко однесување на пратениците, во случајов сторени од претседателот на СобраниетоТалат Џафери.

Милошоски го повикува Минов во најкус можен рок да закаже јавна седница, да го покани и пратеникот Талат Џафери и да му изрече јавна опомена. Според опозицискиот пратеник, ова би бил еден чекор кон очекуваната оставка после бруката во Собранието.

– Тешка повреда сторил „пратеникот кој што врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи“. Ова е запишано во член 14 од Кодексот за етичко однесување на пратениците кој е усвоен во 2018, а како прв предлагач потпишан е пратеникот Талат Џафери. Истиот пратеник од позиција на претседател на Собранието на 11 мај, како мшто слушна целата јавност, со крајно вулгарен речник врши притисок кон вработените во службата за седници во Собранието, пцуејќи ги нивните мајки и омаловажувајќи го нивното достоинство. Ова е досега најтешката повреда на Етичкиот кодекс, која мора да биде санкционирана согласно истиот – вели Милошоски.

Претходно Левица побара Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да изрече јавна опомена и суспензија на Џафери, како и забрана да претседава со Собранието во траење од еден месец. И Левица се повикува на членот 14 од Кодексот и според партијата, Џафери предизвикал тешки Кодексот за етичко однесување на пратениците, со што на вработените во Собранието им извршил притисок за време на извршувањето на нивните работни задачи, користејќи зборови и изрази со кои ги омаловажува и го навредува нивното достоинство.

Како што веќе објавивме, вербалниот инцидент на претседателот на Собранието, според Кодексот, може да се подведе под главата „тешки повреди“, односно член 14 алинеја 4, каде се вели дека  тешка повреда на Кодексот е да „врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи“.

За Џафери да одговара за прекршување на Кодексот треба некој од пратениците да достави пријава до собраниската Комисија за деловнички и мандатно имунитетни прашања. Со пријавата пратеникот треба да достави и докази со кои се докажува дека е прекршен Кодексот. Комисијата нема истражна надлежност, туку ги разгледува доказите и носи одлука дали пратеникот сторил повреда на Кодексот и каква. Доколку станува збор за лесна повреда пратеникот добива опомена, а ако повредата е тешка, пратеникот јавно ќе биде опоменет. Според информациите, за време од три години од кога е на сила Кодексот ниту еден пратеник не бил пријавен за прекршување на етичкиот Кодекс.

АУДИО: Џафери ги загуби нервите, извикува вулгарности кон собраниските службеници

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот