Милевски: Со ваква емоција не може да се настапува за Македонија
Македонската фудбалска А репрезентација одигра само 1:1 на гостувањето против Фарски Острови од новото издание на Лига на нации.
Енис Барди погоди од пенал, откако домаќините имаа предност по првите 45 минути. На крајот можевме и да се радуваме на трите бода, но пропуштивме три 100 процентни шанси за победа.
Селекторот Благоја Милевски на прес конференцијата по мечот кажа дека секако не може да биде задоволен од резултатот.
– Како што напоменав претходно, нѐ очекуваше тежок натпревар, незгоден противник. Сите услови кои беа за игра, не можеме да се пожалиме на ништо, освен нели на таа вештачка трева што е поразлична од онаа на која сме навикнати. Имавме идеални временски услови за игра. Првиот натпревар е секогаш тежок, како што и реков можеби и најтежок во Лигата на нации во оваа наша група. Одиме понатаму, веќе немаме многу време за жалење, наскоро нѐ очекува нов натпревар, против Ерменија, и пак ќе повторам, крајната цел е првото место во групата – изјави Милевски.
Нашиот селектор дека не беше задоволен од играта на неговите фудбалери во текот на првото полувреме.
– Што се однесува до дебитантите, барем од првата минута, на официјални натпревари, не можам да бидам задоволен, очекував многу повеќе од нив, што се однесува до Митровски и Иљазовски. Затоа и беа и тие промени на полувремето. До некаде можам да бидам задоволен од реакцијата на тимот во второто полувреме, креиравме доста изгледни шанси за гол, но пак ќе повторам, не коментирам индивидуалци, сите сме како тим, сите мора да функционираме како тим. Но, ме загрижува еден факт дека не ми е оваа доволна емоција што ја видов денеска кај одредени фудбалери, и искрено, со ваква емоција не може да се настапува за Македонија. И самите фудбалери сакаат да постигнат тол, најмногу од сите, но ете понекогаш не сака. Без концентрација на највисоко можно ниво, и вакви шанси не можеме да ги реализираме – се зборовите на Милевски.
Следниот натпревар од Ц сегментот во Лигата на нации нашите најдобри фудбалери ќе го имаат на 10 септември во Скопје против Ерменија.