Милевски од денеска официјално селектор на македонската А репрезентација

Фото: ФФМ

На 25 јуни од Фудбалската федерација на Македонија објавија дека Благоја Милевски од денеска (1 август) ќе ја преземе селекторската функција во најдобрата национална селекција.

Како што е веќе познато веднаш по завршувањето на групната фаза на Европското првенство (три порази од Австрија, Украина и Холандија) Игор Ангеловски донесе одлука да се раздели со македонската А репрезентација, по што веднаш реагираше ФФМ околу неговиот наследник.

Милевски своето деби ќе го има во квалификациите за Светското првенство 2022 Катар, следниот месец, поточно на 2 септември кога во Скопје ќе ја пречекаме Ерменија, па три дена подоцна гостуваме во Рејкјавик кај Исланд, а на 8 септември сме домаќини на Романија.

Милевски кој со поголем дел од сегашните сениори има веќе соработувано во У21 и со учество на Европското првенство 2017 Полска, ќе се обиде да направи уште поголем успех, со пласман на следниот Мундијал. По првите три кола во квалификациската група „Ј“ за пласман на СП води Ерменија со девет бодови, пред Македонија и Германија со по шест, по три имаат Романија и Исланд, без бодови е Лихтенштајн.

– Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи – се зборовите на претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот