Милевски ќе бара отворањето на првото поглавје за ЕУ да биде од областа на екологијата

Горан Милевски

Либерално демократската партија – ЛДП ќе бара првиот документ што ќе биде отворен за преговори за членство во ЕУ да биде поврзан со поглавјето посветено на екологијата, изјави претседателот на ЛДП, Горан Милевски.

На трибината во Битола „Размислувај различно, либерално кон Европа”, Милевски нагласи дека отворањето на поглавјето за екологија ќе овозможи побрзо отворање на ЕУ-фондовите за екологија.

– Документот што Франција го нуди за пристапни преговори, поглавјата како важен сегмент и фондовите содржани во соодветното поглавје овозможуваат, и затоа ние како партија ќе предложиме, нашата држава да инсистира, а тоа ќе го бараме и од Европската Унија, првото поглавје што треба да се отвори со Република Северна Македонија да биде поглавјето за екологија. Ние сметаме дека час поскоро треба да се отворат фондовите во оваа област. Екологијата е тема и проблем за кој сите треба да се заложиме, тој проблем со сопствени средства не можеме да го решиме и затоа потребни се европските фондови, истакна Милевски.

Претседателот на ЛДП пред битолчани нагласи дека ќе продолжат да појаснуваат зошто е важно на избори да се оди со отворени кандидатски листи, бидејќи, како што рече, на тој начин директно се придонесува за развој на демократските процеси.

– Знаеме дека на овие избори е невозможно да се примени системот на една изборна единица иако во парламентот може да се обезбедат доволен број пратеници, но нема консензус и ако таква точка на дневен ред би се разгледувала во македонскиот парламент, тогаш од сега знаеме дека ќе има илјадници амандмани и блокада. Но бидејќи е извесно дека на избори ќе се оди со шест изборни единици, ние се залагаме токму во овие изборни единици кандидатските листи да се отворат и да се изврши непосреден избор на пратеници, да се одлучува според волјата на граѓаните, а не според волјата на лидерите на партиите, истакна Милевски.

На трибината „Размислувај различно, либерално кон Европа” се обратија и потпретседателите на ЛДП, Јулијана Николовска и Зоран Шапуриќ, како и претседателот на општинската организација на ЛДП во Битола, Валентин Груевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот