Милевски: Има замор, но знам дека играчите ќе одиграат најдобро што можат против Фарски Острови

В понеделник (27 март) со почеток од 18.00 часот на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје македонската А репрезентација ќе игра пријателски натпревар против Фарски Острови.
Нашите најдобри фудбалери предводени од селекторот Благоја Милевски пред четири дена стартуваа со триумф во квалификациите за Европското првенство 2024 откако ја совладаа Малта со 2:1.
Селекцијата на Фарски Острови можеше со победа исто така да го започне квалификацискиот циклус, откако водеше со 0:1, но во финишот Молдавија стигна до бод.
Милевски најави дека за утрешниот меч нема да може да смета на Столе Димитриевски, Ѓоко Зајков и Висар Муслиу, а ќе им даде шанса на оние играчи кои не настапија против Малта или кои имаат помала минутажа.
– Се надевам дека сите се подготвени да го дадат максимумот, способни да се стават во функција за утрешниот меч. Има замор кај повеќето фудбалери, но познајаќи ги нивните карактери, знам дека ќе одиграат најдобро што можат. Секако, посакуваме победа, нашиот противник е сериозен, на последните осум натпревари има само еден пораз. Тоа кажува дека во денешниот фудбал нема аутсадери, сите напредуваат. На последниот дуел против Молдавија покажаа дека се цврсти, дисциплинирани, со доста трчање, а и напредуваат тактички – вели Милевски.
Според нашиот селектор овој натпревар ќе биде можност да се види на кого може да се смета од тие кои имаат помала минутажа и кои можат да помогнат за следните квалификациски мечеви во јуни.