Милевски го повика Јован Манев за контролниот натпревар против Фарски Острови

После стартниот триумф во квалификациите за ЕП 2024 против Малта, македонската А репрезентација се насочува кон пријателскиот меч кој ќе се игра в понеделник во Скопје на Националната Арена „Тодор Проески“ – Скопје против Фарски Острови со почеток од 18.00 часот.
Повеќе околу влезниците за претстојниот натпревар можете да погледнете на официјалната веб страница на „МКТикетс“.
После Доријан Бабунски, поради повреда дуелот со Фарски Острови ќе го прескокне и Аријан Адеми. Потоа, ќе недостасува и Ѓоко Зајков кој на средбата со Малта доби удар во глава и имаше вртоглавица, по што веднаш мораше да биде префрлен во болница.
Во составот нема да бидат ни Столе Димитриевски и Висар Муслиу кои ќе им се вратат на клупските обврски.
Дополнително повикан е 22-годишниот одбранбен играч Јован Манев кој ги брани боите на Адана Демирспор. Турскиот фудбалски клуб потврди дека централниот бек е повикан во националната А репрезентација на Македонија.
Манев кој е роден во Кочани, претходно беше дел од Осогово и Брегалница Штип, а воедно има настапи за македонската У20 и У21 селекција.