Милениумски јубилеј: Бигорски манастир денеска слави 1000 години од основањето

Централната прослава на големиот јубилеј 1000 години од основањето на Бигорскиот манастир ќе се одржи денеска со почеток во 9 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршувањето на литургијата пред присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски. Митрополитот г. Тимотеј и епископот г. Партениј, пак, ќе доделат ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

Поради зголемениот број случаи на заразени од ковид-19, како и засилените мерки и препораки на Министерството за здравство и на другите здравствени институции, прославата на 1000-годишнината ќе се одвива со строго запазување на предвидениот протокол за заштита.

– Програмата денеска, вклучително и светата богослужба, ќе се одвива на отворено, во дворот на Манастирот, каде ќе биде поставена монтажна бина, а, исто така, и два видео-екрана. На неколку места ќе има пунктови за дезинфекција, а носењето на маски и одржувањето на потребното растојание се задолжителни. За доследно запазување на споменатите мерки ќе биде ангажирана професионална и лиценцирана екипа на редари кои ќе се грижат бројката на посетители да не го надмине дозволениот капацитет според протоколот за заштита, соопштуваат од Манастирот.

По тој повод е објавен пригоден видео-спот „1000 години Бигорски манастир”, специјално подготвен за милениумскиот јубилеј, од продукциската куќа „Дрим фектори”.

За прославата ќе биде обезбеден директен пренос на МТВ, на Фејсбук страница и Јутјуб каналот на Бигорски и на Фејсбук страницата на МИА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот