Милчин: Мислам дека Мицкоски и Груевски заедно се сретнале со Орбан

„Не можам да прифатам ситуација во која во Собрание се вика и се свирка против нешто, а после тоа не се гласа. Тоа ме загрижува. Не беше различен мојот став и ставот на опозицијата, меѓутоа тие едноставно направија измама. Ги измамија граѓаните. Кој можеше да претпостави дека таква ситуација во Собрание, толку гласно ќе протестираат, за потоа да дојде до молк и отсуство“, рече вечерва режисерот и поранешен прв човек на Фондацијата Отворено општество Македонија, Владимир Милчин.

Тој, гостувајќи во дневникот на телевизијата Сител, го коментираше односот на опозициските партии за време на расправата во Собранието околу информацијата од Министерството за надворешни работи, за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија.

Според Милчин, „важно е како се води политика“. Тој е резервиран во однос на идејата на опозицијата за референдум околу преговарачката рамка, но вели дека референдумот „можеби може да биде добро решение“.

Милчин ја коментираше и посетата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговата средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан.

„Во Будимпешта кај Орбан се и сегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот лидер на партијата (Никола Груевски). Мислам биле на иста средба, инаку не ми е јасно зошто би отишол Мицкоски таму. Истовремено, кога Орбан вели дека Македонија е оштетена, еврокомесарот Вархеји, кој е човек на Орбан, удира по опозицијата дека претерала. Ова е лукавост? Некој се мајтапи со нас?“, рече тој во дневникот на Сител.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот