Милановиќ: Сребреница не е исто што и холокаустот, не е иста како Јасеновац

Зоран Милановиќ/Фото: EPA-EFE/KENZO TRIBOUILLARD / POOL

Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ денеска изјави дека геноцидот во Сребреница и оној во Јасеновац не е исти, бидејќи Евреите и Србите неколку години систематски биле убивани во логорот во Јасеновац за време на Втората светска војна, објави Бета.рс.

Во изјава за новинарите, тој ја повтори неодамнешната изјава дека постојат различни видови геноцид, велејќи дека „Сребреница не е исто што и холокаустот, не е иста како Јасеновац“.

На прашањето дали мисли дека е извршен геноцид во Сребреница, Милановиќ одговори потврдно.

– Велам да, но тогаш за некои посериозни злосторства треба да измислиме друго име, додаде хрватскиот претседател.

Тој рече дека секогаш велел дека во Сребреница бил извршен геноцид, но дека „гледа дека има работа со луѓе кои се ужасно агресивни и сакаат да го одредат секој збор што ќе го кажете“.

Тој оцени дека не кажал ништо злонамерно или погрешно. „Има геноциди и геноциди, жртви и жртви“, повтори Милановиќ.

– Ја почитувам туѓата жртва, но не е сѐ исто. Ако сѐ е геноцид, ќе треба да најдеме друго име за она што нацистите и германската машинерија им го направија на Евреите во Втората светска војна, а тоа е холокаустот, но тоа е, исто така, и геноцид. Не секоја жртва е иста, рече тој.

Тој додаде дека „господата од Сараево се обидуваат да го направат својот народ поголема жртва отколку што е“.

– Тие лицитираат со мртвите, јас никогаш не го правам тоа, истакна Милановиќ.

Претседателот на Хрватска праша дали и Вуковар е геноцид, бидејќи Хрватска не вели дека е бидејќи „има некоја граница“.

– Вуковар беше систематски уништен за два месеци. Градот и луѓето. Мета беа Хрватите и некои Срби кои останаа со Хрватите во подрумите. И конечно Овчара, има ли елементи да се зборува за геноцид?, праша Милановиќ.

Оценката на хрватскиот претседател за различните видови геноцид и дека Сребреница не е иста со холокаустот, претходно ја осудија членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и претседателот на Советот на бошњачкото национално малцинство во Хрватска, Армин Хоџиќ.

Запрашан за критиките од Сараево, Милановиќ одговори дека „официјално Сараево не постои“, иако тој би сакал да постои, туку постои „само една од трите страни што го кажува она што другите две страни не го поддржуваат“.

За оценката на Хоџиќ дека ја преминал цивилизациската линија со изјавата за Сребреница, Милановиќ одговори дека никогаш не слушнал за Хоџиќ и дека „не е доволно да се викаш Хаџиќ или Хоџиќ за да можеш да зборуваш во име на бошњачката заедница во Хрватска“.

Милановиќ оцени дека тоа се „прилики етно-бизнисмените да дојдат до израз“, а во тој контекст го спомена и претседателот на Српскиот национален совет, Милорад Пуповац, велејќи дека тој „не е вистински претставник на Србите, туку етно- бизнисмен кој се вклопува во постојната законска рамка“.

– Истовремено, го слушаме претставникот на Србите во Босна и Херцеговина, Додик, каков и да е – некому лош, некому не, кој вели дека мене ми верува. Доста ми е од етно-бизнисмени, мојот политички пат не е етнички, туку, пред сѐ, борба за вистина и правда, изјави Милановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот