Милан и Суба, две тажни годишнини: Музика на четвртиот свет за луѓе од повисоки енергетски сфери
Има некоја судбинска поврзаност во таа суровост на броевите.
На 2 ноември 1999 година Митар Суботиќ Суба трагично го загуби животот, а пет години порано (на 5 ноември 1994), Милан Младеновиќ, фронтмен на култната „Екатарина Велика“, замина во вечноста. Ако двојката се сврти наопаку, станува петка. И така ноември ни однесе некои важни луѓе, кои се бореа против примитивизмот…
Светот живее без Милан триесет години, а без Суба дваесет и пет. Милан и Митар беа пријатели. Добри пријатели.
Соработуваа уште во 80-тите, кога Суба се потпишуваше како Rex Ilusivii, што на латински би значело Невидлив крал. Тогаш Милан свиреше гитара на неговите први снимки, додека на албумот на „Екатарина Велика“ – „Само пар година за нас“ (1989), Суба ја потпиша продукцијата.
Круна на едно пријателство се случи неколку години подоцна, во Бразил, 1994. Во Сао Паоло го чекаше Суба, заедно да реализираат една дамнешна идеја од осумдесеттите – „Здивот на Ангелот“ (Angel’s Breath), помогнати од двајца бразилски музичари, Жоао Парахиба и Фабио Голфети. Ќе се покаже – тестаменталниот албум на Милан.
– На генерален план, тоа беше бразилски проект во кој се сретнаа европски и бразилски музички влијанија и се измешаа во некои повисоки енергетски сфери. Сите тие четири посебни јазици го создадоа петтиот, кој ја произведе музиката без типичен печат на некој од музичарите што свиреа и креираа. И поради таа мешавина што настана со мешање на четири автентични белега, беше создадена музика на четвртиот свет – објаснуваше Суба.
Добро упатените велат дека во последната година од својот живот, Милан Младеновиќ во Бразил замина среќен. Се врати уште посреќен. Проектот „Angel’s Breath“ како идеја постоеше веќе некое време, а заеднички го изведуваа во претходните години. Самиот наслов „Здивот на Ангелот“ претставуваше приказна за создавање човек од кал, слична на онаа во која Господ го создава човекот од кал, и му ја вдахнува душата.
– Ние не сме силни како боговите, но со здивот на Ангелот, со музиката која е здивот на боговите, ние сакавме на човекот да му го вдахнеме новиот свет и ново искуство – дообјаснуваше Суба.
Судбината сакаше Милан да не го дочека објавувањето на албумот за време на својот живот на планетава. Компакт-дискот и касетата се појавија набрзо по неговата смрт, како премиерно издание на „Имаго рекордс“. Четврт век потоа, „Кроација рекордс“ и „Задужбина на Милан Младеновиќ“ ќе му вдахнат нов живот, на винил и на цеде.
Парадоксот на животот е што ништо не е сменето кога Младеновиќ и Суботиќ го создаваа овој албум.
– Овој потфат е продолжување на мојата работа и мојата борба против примитивизмот во денешната култура, како во СР Југославија, така и во поранешните југословенски републики, кој се осили главно поради безмилосните политички игри на моќта, кои иницираа општо оддалечување од спиритуалното – напиша Милан во прилог на албумот, потенцирајќи дека „денешен човек е осуден преку медиуми да го доживува овој свет како колаж чие што вистинско лице во целост не е во состојба да го обедини во конечна визија“.
Жално е што ниту по триесет години откако Милан ја опиша состојбата, ништо не е сменето. Напротив. Сè уште „Тонеме“, како што ја наслови една од песните на ЕКВ.
Во системот на лажни вредности, не ни можеше поинаку. Беше ли Милан Младеновиќ „рок пророк“, визионер, или, само суров реалист.
Постои ли некоја чудна луцидност во тие броеви, 2, 3, 5?
Милан Младеновиќ е роден на 21 септември 1958. Митар Суботиќ на 23 јуни 1961. Кога починаа, Милан имаше 36, а Суба 38 години.
Легендата вели дека Суба животот го загуби трагично, откако пожар го зафати неговото музичко студио. Се обидуваше да ги спаси лентите на Бебел Жилберто од штотуку завршениот албум „Танто темпо“, на кој темелно работеше, а по кој таа дефинитивно ќе стане голема ѕвезда на музиката од Третиот Свет.
Неговиот соло-албум „São Paulo Confessions“ објавен таа, несреќна 99-та, се најде во книгата „1001 албум што треба да го слушнете пред да умрете“. За неупатените, од просторот на поранешна Југославија, денес познат како Регион, во оваа силна селекција влегоа единствено „Лајбах“ со култниот „Опус Деи“.
На 30-годишнина од смртта на Милан Младеновиќ, 5 ноември 2024, се потсетивме на човекот што како мотор на „Екатарина Велика“ на седум студиски албуми и 70-ина песни остави неизбришлива музичка трага. Па не чуди што во еден од изборите, „Пар година за нас“ беше избрана за најдобра екс-ЈУ песна на сите времиња.
Денес делото на Милан живее и преку наградата што го носи неговото име, дефинитивно најпрестижното признание за млади музичари од поранешна Југославија.
Пред две години оваа награда ѝ припадна на македонската пејачка Дина Јашари, а годинава меѓу финалистите се најдоа три имиња од Македонија: „Moira“, „Fiction“ и „Lufthansa“.
– Чудо се тие бендови од Македонија – велеа некои членови на жирито.
„Нису довољне речи, само обичне речи, да ме врате у живот…“, пееше Милан, во судбинската „Пар година за нас“.Физички не е тука, но тие зборови се единствено нешто што ни остана во годините по него. Како утеха. Ако воопшто може да има утеха.