Микурија: Направивте голем напредок во користењето на технологија во царинското работење

Северна Македонија има направено голем напредок во користењето на технологијата со цел да се олесни царинското работење, а со тоа и да се подобрат условите за водење бизнис, смета генералниот секретар на Светската царинска организација, Кунио Микурија, кој претстојува во земјава како гостин на конференцијата „Паметни граници за непречена трговија, патување и транспорт”, што од денеска до четврток се одржува во Скопје.

– Важно е Царинската управа, креаторите на политики и истражувачите да се соберат тука и да разговараат за иднината на царината, применувањето на технологија во оваа област со цел да се подобрат бизнис условите, но и да се заштити општеството. Со таа цел, ќе бидат дискутирани е-трговијата, односно користењето податоци во приватниот сектор и анализањето на податоците за работата на Царината со цел да се поддржи отвореноста на земјата и нејзината интеграција во глобалниот систем на царина и размена, изјави Микурија пред почетокот на конференцијата.

Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на отворањето на собирот, порача дека Република Северна Македонија целосно ја прифаќа економската интеграција на земјите од регионот и на европско и светско ниво.

– Ние имаме јасна определба. Владата одлучи да се движи напред во соработка со соседите и со сите земји. Ги прифати придобивките од слободната трговија и наместо преземање контрола, Владата го поддржува ставот дека меѓународната инлклузивност е многу посилна отколку стоењето настрана- рече Заев.

Модернизацијата на Царинската управа, според него, треба да придонесе кон развој на надворешно трговското опкружување. Тој најави дека од 1 јануари 2020 година извозното работење треба целосно да се одвива без хартија, а заедничките царински контроли со Србија и наскоро со Албанија, според него, ќе придонесат кон уште поголемо интегрирање на македонската економија.

На овој значаен настан за Светската царинска органзиација, чиј домаќин е Царинската управа во земјава, присутни се претставници од над 50 држави кои во следните три дена ќе дебатираат за т.н. паметни граници за да се овозможи непречена трговија, патување и транспорт.

За Царинската управа, одржувањето на конференција од вакви размери е потврда за напредокот во царинското работење во земјава и реформскиот напредок и посветеноста на Царинската управа, Владата и Министерството за финансии за вклучување во глобалните синџири на светската економија.

–  Организирањето на една ваква конференција претставува чест и за Царинската управа и ги поддржува нашите напори за модернизација и напредок и претставува признание на целиот процес на дигитализација што го спроведуваме со цел олеснување на трговијата и интегрирање на македонската економија во регионалната и светската мрежа на снабдување. Темите кои ќе се обработуваат на конференцијата се многу популарни и верувам дека ќе се подигне свесноста од ангажирање на дополнителни капацитети- изјави директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.

Светската царинска организација е основана во 1952 година како Совет за царинска соработка. Таа е независно меѓувладино тело чија мисија е зајакнување на ефикасноста и ефективноста на царинските управи. Во неа денес членуваат 183 царински управи од целиот свет кои заедно покриваат околу 98 проценти од вкупната трговска размена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот