Мик Шумахер дебитира за Мерцедес, десет години откако неговиот татко возеше за тимот

Младиот Шумахер денеска имаше шанса првпат да го вози автомобилот на Мерцедес што сезонава се користи за трките во Формула 1, десет години откако неговиот славен татко го изведе своето последно возење за овој тим
Мик Шумахер го имаше своето деби со Мерцедес на тестот денеска, нешто повеќе од 10 години од последното тест-возење на неговиот татко со тој тим.
Поранешниот возач на Хаас оваа година му се приклучи на Мерцедес во резервна улога. Тој денеска возеше на патеката Каталуња за да ги проба гумите од Пирели кои се во развој за 2024 година. Ова е првпат Мик да го вози Ф1 автомобилот на Мерцедес В14.
Шумахер возеше на вториот ден од тестот, преземајќи ги возачките должности од Џорџ Расел кој вчера ги проба гумите. Ферари исто така беше во акција на патеката денеска, Карлос Сајнц презеде од Шарл Леклер кој возеше првиот ден.
Михаел Шумахер имаше долга историја со Мерцедес. Тој меѓу другото беше дел од нивната програма за развој на помлади возачи. На крајот на својата Ф1 кариера, Шумахер се тркаше за Мерцедес од 2010 до 2012 година, а годината потоа направи неколку промотивни трки за тимот.
Неговото последно возење беше во мај 2013 година, кога извози демонстративен круг Нирбургринг во автомобилот на Мерцедес од 2011 година. Седум месеци подоцна тој претрпе сериозни повреди на мозокот во несреќата на скијање.