Мијалков не се сеќава на низа настани за „Монструм“

Поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков на денешното судење за петкратното убиство кај Смилковското Езеро на низа прашања кој му беа поставувани одговараше со „не се сеќавам“.

Тој низа пати нагласуваше дека од настанот до денеска изминало многу време и не може да се сети на се. На прашање поставено од Горан Наќев, татко на едно од четирите убиени момчиња што мисли Мијалков за изјавата на поранешниот премиер Зоран Заев кој на средба со родители на убиените момчиња рекол дека во убиството биле замешани и тајните служби, сведокот рече:

– Тоа ќе мора да го прашате премиерот, не би сакал да давам паушални одговори.

Обвинетиот Фејзи Азири му постави прашање на Мијалков дали се сеќава дека веднаш по приведувањето на осомничените во Американската амбасада во Скопје поднел досие за нив и дали имал состанок со некој од амбасадата на САД.

– Имавме размена на информации, но не можам да се сетам дека сум однел досие – рече Мијалков.

Азири се повика на транскрипт од една од „бомбите“ во кој се води разговор помеѓу новинарката Оливера Трајковска и бизнисменот Јордан Камчев, а во кој било спомнато дека Мијалков ги однел досиејата во американската амбасада. Разговорот се случил на 1 мај 2012 година. Откако беше прочитан транскриптот, Мијалков објасни дека станувало збор за размена на информации, а не дека биле однесени досиеја за осомничените.

– Не знам од каде Камчев ги знаел тие информаци, но како што објаснив и претходно имавме размена на информации.

Адвокатот Насер Рауфи му постави прашање на Мијалков „кој ги дал информациите дека осомничените биле припадници на Ал Каеда?“, на што сведокот рече:

– Не можам да се сетам дека сме добиле информации дека биле на боишта. УБК само беше партиципиент во истрагата и учествувавме на состаноците во БЈБ каде на дневна основа се среќаваа сите оние кои беа задолжени за случајот.

Судењето е во тек, а се очекува да сведочат и Муса Џафери, Блерим Беџети, како и Синиша Алексовски, поранешен советник во претседателскиот кабинет во времето на Ѓорѓе Иванов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот