Мијалков исчезна како Груевски, Заев најави дека некој ќе одговара

Полицијата не знае каде е поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, кој е обвинет во низа предмети, а в петок треба да ја слушне пресудата за процесот „Таргет-Тврдина“. Мијалков во изминатите 24 часа е баран од полициски екипи во неговиот семеен дом на Водно, како и во хотелот „Мериот“ каде што времено престојуваше, но не беше пронајден.

Според репортерите на ТВ 21, последен пат бил виден завчера околу 14 часот во барот „Дистрикт“ во хотелот „Мериот“. Подоцна во текот на вчерашниот ден го барале на повеќе адреси во Скопје, но не го нашле. Екипа на интервентната полиција е стационирана пред куќата на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, на Водно. Полициска екипа го чека Мијалков и пред хотелот „Мериот“ каде што е виден последен пат.

Обвинителството во завршните зборови за „Таргет-Тврдина“ побара максимална казна за Сашо Мијалков. Тој е еден од обвинетите за нелегалното прислушување на повеќе од 20 илјади граѓани во периодот од 2008 до 2015 година. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Од полицијата велат дека Мијалков бил баран бидејќи „судот му одредил мерка куќен притвор“.

– Преземаме мерки и активности за негово пронаоѓање. Распишана е национална потерница. Бидејќи од досега преземените мерки и активности лицето не е пронајдено, ќе го известиме судот и ќе побараме да биде издадена наредба за распишување на меѓународна потерница – соопшти за „Слободен печат“ портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција велат дека завчера во 15 часот до Кривичниот суд доставиле предлог за определување на мерка притвор против Мијалков бидејќи имале сомнение за евентуално бегство.

Од Кривичниот суд тврдат дека „имајќи ја предвид итноста на постапката, иако судот законски имал рок од 24 часа да одлучува со оглед да предлогот е поднесен за време на викенд, Советот во корелација со документацијата за сомневањето за бегство приложена од ОЈО и известување доставени од МВР, донел решение со кое на Мијалков му се определува куќен притвор со 24 часовен надзор како и видео и електронски надзор“.

Исчезнувањето на Мијалков предизвика лавина од реакции во јавноста. Според упатените, неговото евентуално исчезнување и бегство било за очекување, а според парламентарната опозиција уште еднаш се покажала неспособноста на власта да превенира вакви несакани случаеви.
Премиерот Зоран Заев вчера пред Кривичниот суд истакна дека народот бара и очекува правда.

– Се случи уште едно бегство. Јавноста е информирана дека судот донел одлука за притвор на Мијалков, кој се очекува да биде осуден со пресуда во предметот „Таргет-Тврдина“. Прочитав за мерката. Исто како и целиот наш народ, така и јас сум разочаран што сè уште не е пронајден и приведен Сашо Мијалков. Барам веднаш да постапат институциите и да го пронајдат. Убеден сум дека може да се спроведе. Очекувам детални информации од МВР и детали со истрага за самиот случај од Судот, Јавното обвинителство и МВР. Очекувам одговорност ако не се спроведе решението за притвор, за лицето кое е обвинето во случај што, според мене, е еден од најважните – рече Заев.

Тој вели дека МВР постапува по законот и така било постапено. Заев рече дека одговори на сите прашања поврзани со непронаоѓањето на Мијалков и детали за тоа кога е последен пат виден и како е постапено, ќе ги има во наредните денови.

– Реков дека ќе побарам одговорност кога ќе ги имаме деталите. Во БЈБ е примена наредбата и постапено е по неа. Ако има каков било пропуст, ќе побарам јавно одговорност. Не можете да очекувате од мене да правам јавна истрага пред микрофоните и камерите. Ќе очекувам одговорност за ваквиот случај таму каде што затаило спроведувањето на законот. Очекувам Мијалков да биде ставен во домашен притвор – додаде Заев.

Заев негираше дека бегството на Мијалков е дел од некаков политички договор.

– Нема политички договор, апсолутно! Јас сум задоволен што по ограбување на државата сме обезбедиле правен процес, кој оваа недела треба да заврши. Веќе е најавена казна на јавните седници и веројатно тоа е причината што Мијалков не можел да би пронајден дома. Апсолутно  до крај ќе има владеење на правото, без разлика за кого, во каков момент, од власта или од опозицијата. Очекувам целосна разрешница и за случајот – одговори Заев.

Професорот по безбедност Јован Ристовски за „Слободен печат“ вели дека исто како и со тајното бегство на братучедот на Мијалков, експремиерот Никола Груевски, така и овој пат потфрлила полицијата.

– Не ја отфрлам можноста со евентуалниот чешки пасош Мијалков да ја напуштил Македонија. Во „игра“ е опцијата дека некој му дојавил за одлуката дека против него е донесена мерка куќен притвор, па тој избегал. Но, не може полицијата овој пат да биде амнестирана од одговорност. Мора да се посочи со прст дека таа е виновна ако навистина Мијалков избегал. Ако се крие, пак, а таа наводно го барала низ Македонија, тоа е уште поголем срам за неа – вели Ристовски.

По повод полициската потрага по Сашо Мијалков се огласи Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на својот фејсбук-профил.

– Одамна реков, мафијата има своја држава. Нема дно што не го пробија. Оставка на Владата веднаш! – напиша Мицкоски.

Блиските од семејството на Мијалков повикани во полициска станица

Кој го помогна бегството на Мијалков?

Николовски: Заев му овозможи на Мијалков да побегне

 

ФОТО: „Мериот“ под полициска опсада, од Мијалков ни трага ни глас

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот