Михајловиќ: „Мал Шенген” на Србија,  Македонија и Албанија за подобар живот

Фото: Принтскрин

Иницијативата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за создавање на таканаречен „мал Шенген” меѓу Албанија, Македонија и Србија, ќе придонесе за подобар живот ма сите наши граѓани, изјави српската вицепремиерка и министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, додавајќи дека нема современ развој ако на меѓусебните односи се гледа низ призма на минатото.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Михајловиќ гостувајќи на РТС изјави дека сите земји во регионот се многу мали за да влијаат врз економските показатели во Европа и во светот и дека економското здружување е важно со цел граѓаните да живеат подобро.

– Не зборуваме тука за нова Југославија, ова е чист економски интерес за сите земји – да ги отстранат царините и трговските бариери. Ова е суштина на креирањето политики, да направиме граѓаните да живеат подобро, да имаме што е можно повеќе инвестиции и да се подобри животниот стандард на сите. Имаме одлична геостратешка позиција и важно е Србија да има пристап до Грција и албанските пристаништа, изјави Михајловиќ.

Таа оцени дека Србија, Македонија и Албанија заедно имаат 80 милијарди американски долари бруто домашен производ, што е многу малку.

– Ако ги додадеме Црна Гора и БиХ, тоа се 100 милијарди долари. Знаете што значи тоа, дека заедно произведуваме 40 пати помалку од Германија и 30 пати помалку од Франција. „Фолксваген” не ја избра Турција наместо нас затоа што овде не се работи, туку затоа што Турција има пет пати поголем БДП од целиот регион. Србија ги има сите претпоставки да се развива економски и регионалната интеграција е од економско значење за нас – додаде српската министерка.

Михајловиќ истакна дека тоа најдобро се гледа во инфраструктурата, наведувајќи го како пример седиштето на Транспортната заедница во Белград.

– Имаме поддршка од Европската унија. Не треба да се затвораме, ќе бидеме посилни со поврзувањето и полесно ќе преговараме и со ЕУ и со инвеститорите. Кога станува збор за ресорот што го водам, нема причина, на пример, да немаме заеднички таг и заедничко плаќање на патарината и за тоа ќе разговараме со соседите – изјави Михајловиќ.

Таа потсети дека проценките на Светската банка и на ММФ укажуваат дека регионалната интеграција ќе доведе до економски развој, кој може да изнесува најмалку три до четири проценти повеќе следната година.

Српскиот претседател Александар Вучиќ пред два дена и повторно вчера во говорот на Генералното собрание на ОН во Њујорк, најави дека премиерите на Северна Македонија и на Албанија. Зоран Заев и Еди Рама ќе дојдат во Србија на 9 и 10 октомври на состанок посветен на отстранување на царинските бариери или како што рече, со нив „ја иницирал идејата за понатамошно отстранување на различните бариери за водење бизнис на територијата на трите држави и слободниот проток на стоки, луѓе и услуги, односно создавање на еден вид „мал Шенген”.

Ова е втора ваква изјава на министерката Михајловиќ на темата за „Мал Шенген”, а вчера за ова говореше и министерот за трговија Расим Љаиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот