Мигрантите зазираат од Македонија

ивица челиковиќ
Ивица Челиковиќ. / Архива на Слободен печат

Едновремено со натамошното празнење на Македонија, болно созрева прашањето како ќе се создаде млада популација што ќе стапи на општествената сцена како носител на идниот развој? Мигрантите како ресурс не се добредојдени и посакувани во Македонија, но и без оглед на нивните маршрути на движење кон Европа, мигрантите зазираат од неа.

Македонија не прима мигранти. Или, пак, тие само минуваат низ неа и ја заобиколуваат како дестинација. Сеедно кое од овие две тврдења содржи повеќе вистинитост, Македонија во глобални рамки се наоѓа на самото дно на ранг-листата во однос на приемот на мигранти. Масовното иселување, што од година во година само се интензивира, е присутно пошироко во регионот. Но едновремено со тоа што Балканот се празни од луѓе, не сака да прима мигранти.
Македонија на листата на Галуповиот индекс на прифаќање мигранти е на последното место од вкупно 145 рангирани земји во светот. Ништо подобро не стојат и другите балкански земји, кои исто така се рангирани на опашката на Галуповата табела, така што од 140. до 144. место се пласирани Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, а на претпоследно место, пред Македонија, е Унгарија, една од најтврдокорните антимигрантски членки на ЕУ.

На испитаниците што биле опфатени со испитувањето им биле поставени прашања дали сметаат дека тоа што мигрантите што живеат во нивната земја и стануваат нивни соседи, или можеби стапуваат во брак со членови на нивни семејства или познаници, е добра или лоша работа. Резултатите покажуваат дека ксенофобични расположенија се длабоко вкоренети меѓу народите на Балканот.

Стравот од туѓинци се манифестира на разни начини, со вртење на грбот и дистанцирање, со груб однос и нетолеранција, а не се реткост и појавите мигрантите на некоја од границите во регионот да добијат и ќотек од полицијата. Тешко е да се верува дека граѓаните на балканските земји не се препознаваат во таквите состојби и широко распространети расположенија.
Однесувањата и ставовите на населението, гледано во поширок регионален контекст, се слични. Според испитувањата на Евробарометар, 63 отсто од Грците и од Унгарците, и 52 отсто од Бугарите сметаат дека доселувањето мигранти во нивните земји претставува проблем. И според едно друго истражување, направено пред извесно време од страна на вашингтонската агенција „Пју рисрч“, граѓаните на Грција и на Унгарија се најнегативни во Европа кон доселувањето, при што 82 отсто од анкетираните Грци и 72 отсто од Унгарците што учествувале во испитувањето се изјасниле дека нивните земји би требало да примаат помалку мигранти, или пак воопшто да не примаат доселеници. Но, интересно е дека во овие земји граѓаните едновремено сметаат дека иселувањето на нивни сонародници претставува мошне голем проблем. Со такво мислење се дури 89 отсто од анкетираните Грци и 80 отсто од унгарските испитаници.

Балканот масовно се празни, така што се чини дека иселувањето веќе не претставува никаков избор, туку е нешто што се подразбира. Повеќе од 400.000 Грци, пред сѐ млади и образовани луѓе, емигрирале од земјата во последните години, според извештај од Грчката централна банка. Вкупно земено, станува збор за околу четири проценти од грчкото население. Грците, како и народите од поранешна Југославија, масовно се иселувале и во минатото, во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, кога се вработувале во фабрики во Германија, Белгија, Шведска и во други западноевропски земји. Но во тој период главно се иселувала нискоквалификувана работна сила, додека сега главно емигрира високообразованата генерација, која во нормални услови би требало да претставува иднина на земјата.

Страшната слика на популацискиот колапс посебно доаѓа до израз во Источна Европа. Според проекциите на Евростат, до 2050 година Романија ќе изгуби 22 проценти од своето население, Литванија 17 проценти, а Хрватска и Унгарија 16 проценти. Бугарија, која во изминатите три децении се намали од 9 на 6,8 милиони, до 2050 година би можела да падне на 5,2 милиони жители. И за Србија се очекува дека до средината на ова столетие ќе спадне на 5,2 милиони.
Демографските анализи покажуваат дека миграциските движења се најважното објаснување кога станува збор за порастот на населението во одделни ЕУ-членки, главно во Западна Европа, што приближно е слично со податоците што се однесуваат на ЕУ во целина, а според кои порастот на мигранти во изминатите две децении бил пет пати поголем од бројките што произлегуваат од разликата на родени и умрени. Но, не и кога станува збор за балканските земји, во кои вкупната промена на населението постојано бележи минус.

Според податоците на Светската банка, од Македонија во изминатата деценија се иселиле повеќе стотици илјади граѓани. А, според резултатите на минатогодишниот попис, населението се намалило за околу 200.000 жители. Трендот на засилена депопулација е во секој случај импозантен. Демографските движења во државата, означени со „одлив на мозоци“ и забрзаното иселување, се крајно загрижувачки. Фрапантно звучат податоците, иако и не се сосема изненадувачки, дека дури 77 отсто од младите кои живеат во Македонија размислуваат да се иселат, пред сѐ, во земјите членки на ЕУ. Причините за тоа ги наоѓаат во лошиот квалитет на живот во земјата.

Најфреквентното мигрирање во ЕУ е всушност од внатрешен карактер, односно преселување на работоспособното население во рамки на безграничниот простор и отворениот пазар на труд во ЕУ. Во тие миграции, во потрага по работа и подобар живот, активно учествуваат и Македонците, но како ЕУ-граѓани, поднесувајќи претходно, од прагматични причини, барања за добивање бугарско ЕУ-државјанство, што им овозможува пристап до европскиот пазар на труд. Тврдењата, пак, на официјална Софија дека станува збор за „освестени“ Бугари, кои се враќаат кон своите бугарски корени, звучат, се разбира, како промашена тема, а во овој контекст на миграциите во Европа, дури и смешно.
Но, во секој случај, едновремено со натамошното празнење на Македонија, болно созрева прашањето како ќе се создаде млада популација што ќе стапи на општествената сцена како носител на идниот развој? Мигрантите како ресурс не се добредојдени и посакувани во Македонија, но и без оглед на нивните рути на движење кон Европа, мигрантите зазираат од неа.

Се чини дека поранешниот француски амбасадор во Македонија, Тимоние, укажувајќи дека треба да се најдат начини како да се запре заминувањето на младите, беше во право со своето предупредување дека „ЕУ не сака да интегрира земја која е празна“.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот