Мигрантите и „страшниот“ Друг на точак

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Станува збор за фигура на мигрант што постои во десничарската имагинација, онаа ксенофобична и фашистичка, како слика на страшниот Друг кој доаѓа да нѐ „покори“ и да нѐ подреди на својот (варварски) поредок.

Ете ги, повторно хистеризираат нашите лажни патриоти и националисти, нѐ предупредуваат на „страшните“ блискоисточни мигранти што ќе ја населат скопска Гази Баба во центар-прифатилиште наменето за луѓе во неволја. Нѐ предупредуваат лажните патриоти (и националисти) на мигрантите од Авганистан кои ни доаѓаат во нашата земја со намера и „без дозвола“ да нѐ пипкаат, да ни спијат под прозорците и којзнае уште што ќе ни прават, дури гледам една страшна навреденост на нашиот „каурски одред“. Сите раскокодакани како петли пред да бидат сварени во супа.

Шегата настрана, приказната за средноисточните бегалци, мигранти или како веќе милувате да ги наречете, нема никаква врска со идиотските сомнабулии за нивната „вистина“. Дури, би рекол, не се работи за нивната „замислена слика“ во очите на оние што нивното доаѓање го набљудуваат од перспектива на „староседелци“.

Имено, да се обидам да опишам во една слика. Станува збор за фигура на мигрант што постои во десничарската имагинација, онаа ксенофобична и фашистичка, како слика на страшниот Друг кој доаѓа да нѐ „покори“ и да нѐ подреди на својот (варварски) поредок, да ја растури нашата европска, христијанска цивилизација и култура, па да ни го наметне истиот менталитет на „луѓе од третиот свет“, како што Мицкоски, со презир, ги нарече мигрантите.

Преполна е, драги пријатели (и читатели) денешната Европа, и западна и источна и средна со вакви десничарски гуланфери, тврдо вкоренети во културниот расизам кој среќно паразитира, дел од незнаење, што само по себе дополнително ги негува егзистенционалните стравови на „обичниот човек“.

Нивните „патриотски“ напади се неважни, снобовски, паразитирањето на нивните мутави теории в летаа од никаде, а тоа што омразата и пцостите се гадливи, садистички и бесчувствителни, тоа говори најмногу за „навредените“ лично, отколку што говори за самите мигранти.

Од друга страна, постои и идеолошки фантазам со сосема различен предзнак, а тоа се делузиите за „политичката коректност“. Таквата „политичка коректност“ поаѓа од појдовната точка дека Европа и Запад, како една империјална сила е виновна за сите неволји на овој свет и затоа мора да страда, што значи дека без приговори и условување мора да го прими секој несреќник на овој свет, да го храни, вдоми, вработи… Тоа е најмалку што може да направи во својата „хередитарна“ вина. А во самата фигура на бегалецот гледа некоја романтизирана и посакувана Другост, нешто освежувачки незападно, а со самото тоа благородно, нерасипано и чисто.

И поради тоа мигрантскиот бран во Европа однапред се дисквалификува како неприфатлив, како нешто што „нема субјект“, нешто околу кое не може да се разговара, што во самата суштина претставува помрачување на умот. Таквата политика е надвор од реалноста, и се што се постигнува е тоа што масите кои се декласирани и егзистенционално загрозени се вртат кон радикално-популистичката десница, затоа што кај неа наоѓаат одговори што ги мачат. Немам сомнеж дека тие одговори се погрешни, а оваа друга страна, демократската, мора да го продлабочува односот кон бегалците во општеството.

Да замислиме сега една малку поинаква слика. Имате некој што во пошироката популација се имагинира како „дојденец“ или „дошлак“, што значи тој во дадениот контекст е неевропскиот Друг, па ќе го поставите логичното прашање: а каков е тој всушност? Каков е тој „дојденец“ или „дошлак“ што на точак го гледаме низ нашите сокаци и булевари?

Се работи за нетипичен граѓанин кој вози точак, пишува и чита. Повремено трча, џогира, а најчесто само живее еден обичен и просечен, но сепак уреден живот. На прв впечаток ништо особено. Главно земено, таквиот „дојденец“ најверојатно ќе продолжи да го вози својот точак, ќе продолжи да пишува и да чита, а љубопитните очи и усти ќе го гледаат и ќе зборуваат, најчесто таквите (како и обично) ќе бидат неписмени десничарски будалетинки, па ништо чудно и да го прогонуваат да се врати тамо од каде што дошол.

А тој со точакот ќе им рече дека не сака да биде Друг, туку само свој, да ги ужива своите политички права и слободи, да може во сабота да ја наполни својата кошница со храна, да ја врзе за точакот и да се упати кон својот дом. Така гледано, таа другост на точак е конформистичен до ниво на реакционерност, ама во суштина бара од луѓето да биде виден како свој, така што од друга страна на „дојденецот“ му е сосема јасно, тие него воопшто и не го гледаат, туку во него ги гледаат и ги исчитуваат своите неразмрсени трауматични патологии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот