Мицотакис: Земјите од Западен Балкан ќе ја добијат нашата поддршка за интеграција во ЕУ

фото: Принтскрин

Климатските промени, бегалскиот проблем, кипарското прашање, односите со Турција, но и европската перспектива на земјите од Западен Балкан беа темите на кои се осврна грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговото обраќање на Генералното собрание на ОН.

– Во однос на нашите соседи на север, Грција ќе продолжи да ги поддржува напорите на сите земји од Западен Балкан да се интегрираат во Европската унија, доколку ги исполнуваат нивните меѓународни обврски кон Европската унија и нивните обврски кон соседите. Грција игра клучна улога во економскиот развој на целиот балкански регион, благодарение на трговските можности што ги нудат нејзините пристаништа во Пиреас и Солун, како и нејзината позиција како важен инвеститор во Југоисточна Европа. Ќе продолжиме, уште поинтензивно, да го правиме тоа во иднина, рече Мицотакис.

Грчкиот премиер детално говореше за бегалското прашање, порача дека Грција стигнува на границите на нејзините можности за справување со проблемот и не може сама да го поднесе товарот, истакна дека е потребен колективен пристап со праведна распределба на одговорностите во рамките на ЕУ, како и почитување на договорот меѓу Унијата и Турција.

– Треба на нашите европски партнери да им го кажеме очигледното: Грција не може сама да го поднесе товарот на масовното движење на луѓето кои бегаат од војните и угнетувањето или едноставно бараат подобра иднина, како што е случај во последно време. За овие луѓе, Грција не е нивната крајна дестинација. Доаѓаат во Европа преку нашата надворешна граница, која всушност е грчката граница, рече Мицотакис.

Во однос на климатските промени, грчкиот премиер рече дека Владата планира да усвои нова национална стратегија за енергија, животна средина и клима пред крајот на годинава, а ќе вклучува забрана за користење пластика за една употреба до крајот на 2021, затворање на сите електрани на лигнит до крајот на 2028 година, како и иницијативи за заштита на културното наследство од климатските промени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот