Мицотакис најави набавка на воени авиони, зајакнување на здравствениот систем и поддршка на економијата

Нашата програма има заедничко мото: самодоверба и две еднакви поглавја за предизвиците што се пред нас: самодоверба во одбраната, самодоверба во здравството и економијата, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговиот говор од „Thessaloniki Helexpo Forum” во Солун, соопштувајќи ги владините мерки за зајакнување на одбранбениот систем на земјата со набавка на воени авиони и фрегати, зајакнување на здравствениот систем и поддршка на економијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓународниот саем во Солун е местото од каде што премиерот на Грција, традиционално секој септември ги соопштува владината програма, следните планови и иницијативи, но оваа година, поради пандемијата беше откажан и наместо саемот се одржува политичко- економски форум, во чии рамки говореше Мицотакис.

Грчкиот премиер рече дека додека светот е под опсада на двојната криза, здравствената и економската, Грција „продолжува да управува и со националниот фронт, кој станува сè покритичен, бидејќи Анкара ги загрозува источните граници на Европа и ја поткопува безбедноста на чувствителната крстосница на три континенти”.

Во однос на одбраната на земјата, Мицотакис соопшти шест одлуки, кои „ја зголемуваат моќта, функционалноста и ефективноста на грчките оружја”, меѓу кои, набавка на 18 воени авиони „Rafale” и замена на старите „Mirage”, вклучување на четири нови фрегати во флотата на воената морнарица, модернизација на четири фрегати, нови противтенковски оружја за армијата, нови 15.000 вработувања во армијата, активирање на одбранбената индустрија.

-Заедно со националната одбрана, Владата веќе неколку месеци ја организира и одбраната на јавното здравје. Фронт кој и понатаму останува отворен, истакна Мицотакис, говорејќи за пандемијата и она што тие како Влада го сториле за поддршка на здравствениот систем, но и додаде дека „пандемијата не удира само по јавното здравство, туку и по националната економија”.

Соопшти 12 мерки за „заштита на работните места и продуктивната активност за време на кризата и за поддршка на приходите на најслабите во тешкиот период што претстои”.

-Четири од овие мерки ја поддржуваат работата, три ликвидноста на бизнисите и инвестициите и уште пет, приходите на најслабите, но и приходите на средната класа, која многу години беше погодена, а која сепак е столбот на грчкото општество, истакна Мицотакис.

Говорот на грчкиот премиер во Солун беше согласно здравствените протоколи за заштита од Ковид-19, а во салата присутни беа само 50 гости.

Денеска напладне, Мицотакис ќе ја одржи и традиционалната прес конференција за новинарите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот