Мицотакис ја повика Турција на дијалог: Ако Анкара не запре со агресивно однесување, ќе се соочи со санкции од ЕУ

Фото: EPA-EFE/YANNIS KOLESIDIS

Турција да запре со агресивното однесување, да соработува и да започне дијалог, во спротивно може да се соочи со санкции од Европската Унија (ЕУ), е пораката што ја прати грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку колумна во весниците „Тајмс”, „Фракфурт Алгемајне Цајтунг” и „Ле монд”.

– Потребен ни е дијалог, но не под уцени. Заканата за безбедноста и стабилноста на мојата земја, претставува, исто така, закана и за безбедноста на сите земји членки на ЕУ. Постои ризик да го поткопа НАТО сојузот. И му се заканува на владеењето на правото на меѓународно ниво. Грција има воен капацитет да одговори на секоја турска агресија, но сигурно, воен инцидент меѓу двете земји не е во интерес на никој, пишува Мицотакис.

Грчкиот премиер порачува дека ако до Самитот на ЕУ на крајот од месецот, Турција не почне да се однесува логично, „тогаш не постои друга опција освен европските лидери да воведат суштински санкции”.

Додава дека Турција има време на располагање за да ги избегне санкциите, да направи чекор назад и да отстапи од истражувачките активности во „неодредените морски зони и да се воздржи од агресивната реторика”.

– Разликите не се решаваат со насилство, измами или манипулација, туку мирно и преку меѓусебно почитување и меѓусебно разбирање. Ситуацијата не мора да биде ваква каква што е сега. Решението е едноставно. Седнуваме. Разговараме за нашите разлики. И се обидуваме да постигнеме договор. Ако не успееме, тогаш ќе оставиме да одлучи Меѓународниот суд, пишува грчкиот премиер на крајот од колумната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот